Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
21 февруари е Светски ден на мајчиниот јазик, а повеќето кумановци сметаат дека македонскиот литературен јазик недоволно се почитува.
Според професорот по македонски јазик во ОУ “Крсте Мисирков“, Никола Стојанов, грешки се прават кога се користи зборот “фала“ наместо „благодарам“, глаголот “сваќа“ треба да се пишува “сфаќа“, а наместо “незнам“ треба одвоено “не знам“. Неправилна употреба на мајчиниот јазик имаат и водителите, политичарите, преведувачите и младите кога пишуваат на социјалните мрежи.
Барем на моите часови инсистирам да се говори на македонски литературен јазик бидејќи друго не се признава. Најчести грешки се употребата на многу странски зборови. Се уште има турцизми како “баш“, а многу се меша и српскиот јазик. Оние луѓе кои се дојдени од провинција во Скопје мислат дека течно го говорат македонскиот јазик, а веднаш штом ќе отворат уста се познава од кој крај се дојдени. Тие грешки се одомаќинуваат во медиумите, и младите не знаат дали е точно така како што се пишува и говори - изјави Стојанов.
Јазикот како жива материја трпи промени и кога се прават промени во правописот, наставниците по македонски треба да бидат известени, смета Стојанов.
Секој си го познава мајчиниот јазик. Јас ако сум кумановец мајчиниот јазик си го употребувам. Малите деца стопроцентно го имаат совладано литературниот јазик. Јас имам внуци, тие на училиште зборуваат литературно и дома кога ќе дојдат исто - вели Борче Спасовски, граѓанин.
Младите употребуваат “србизми“ и зборови од англиско потекло, додаваат нашите сограѓани.
Слабо го употребуваме литературниот јазик бидејќи немаме навика и култура. Има зборови од англиски јазик кои младите ги користат. Не би требало српски, треба македонски зборови да употребуваме. Наставниците и родителите треба да посветат повеќе внимание на јазикот - рече Дивна Пауновска, граѓанин.