Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мултимедијалниот центар Карпино, денеска ја организираше единаесеттата по ред ,,Пивтијада,, пред ресторанот Грација во населбата Карпош.
Годинава се подготвени над 350 чинии пивтии, за што се употребени повеќе од 70 килограми месо.
Оваа година имаме најмногу гости, затоа што пивтијадата ја организираме само еден ден. Не радува фактот што секоја година се вклучуваат се повеќе млади луѓе, кои сакаат да ја зачуваат оваа убава традиција на Водици. Верувам дека пивтијата, после кумановскиот мезалук и суџук ќе станат препознатлив бренд на гастрономската мапа во Куманово, што и ни беше целта кога почнувавме со организација на оваа манифестација -изјави Зоран Павловски од Мултимедијален центар Kарпино.
Оваа година за признанието најдобра пивтија се пријавија 12 кумановки. Најдобра и највкусна беше прогласена пивтијата ,,Манастир Карпино,, подготвена од Лила Божиновска.
За да се направи вкусна пивтија треба да се стави квалитетно месо со коски. Најмногу свински нозе и уши, бутчиња и свежо месо. Смесата треба долго да се вари, најмалку 5-6 часа. Марифетлукот е во сржта на коските. Јас учествувам од почетокот на организирањето на Пивтијадата, и досега имам освоено две трети места. Оваа година пивтијата ја нареков „Манастир Карпино„ и ја освоив првата награда, поради што сум многу среќна- вели Божиновска.
Кумството на празникот го презеде советникот Тони Трајковски.
Како христијанин и верник, ова ми претставува голема чест и задоволство што сум дел од оваа традиција. Многу сум среќен поради кумаството и посакувам многу здравје, среќа и бериќет на сите православни граѓани на Куманово-изјави Трајковски.
На манифестацијата имаше богата културно-уметничака програма, а гостите ги поздрави секретарот на Општината Валентина Алексовска. За посетителите имаше богата трпеа со гравче и пивтии.
Мултимедијалниот центар Карпино дел од пивтиите ќе подари на граѓанските здруженија,рибарите и на припадниците на АРМ.
Инаку, здружението ќе настојува манифестацијата да стане меѓународна и да се одржува на Градскиот плоштад.