Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Дезинформација е дека дете се повредило од падната шипка во нашиот луна парк. Тоа се повреди додека со своето другарче ги туркаа корпите пред себе, кога се возеа на рингишпилот, а за тоа имам и сведоци, вели Милорад Радосављевиќ, сопственик на луна паркот „Радост“ од Радовиш, кој работи во Куманово.
Тој тврди дека целата работа е премногу надувана, бидејќи детето се повредило само, а чудно му е што родителите ги пријавиле во полиција, а не се сведоци на настанот.
„Инцидентот се случи пред два дена околу 18 часот. 20 деца се возеа на рингишпилот и две деца додека ги фрлаа корпите едното се повреди. Бидејќи имаше малку крв, веднаш викнавме Брза помош, но додека таа да стигне наш човек го однесе во болница. Родителите на детето воопшто не беа тука, а настанот го пријавиле по два дена, а не знаат што точно се случуваше тука. Додека работи рингишпилот ние не можеме да ги натераме децата да седат мирни“, вели Радосављевиќ.
По настанот дошла полицијата на лице место и извршила увид, при што немале забелешка на нивната работа и на исправноста на рингишпилот.
Сопственикот Радосављевиќ вели дека има договор за користење на земјиштето со приватно лице и договор со Општината, како и целокупна документација за користење на јавен простор. Тој кажува веќе 20 години работат во градот од 1 април до 1 септември, и досега немале никакви проблеми, ниту, пак, некој инцидент. Жалат што оваа година поради невнимание во детска игра тие се посочени како виновници, и не по нивна вина ќе трпат последици во работата.
МВР денеска соопшти, дека завчера околу 22.30 часот во СВР Куманово, Б.Д. (49) од Куманово пријавил дека околу 19.30 часот во луна парк на булеварот „Октомвриска револуција“, додека неговиот малолетен син бил на рингишил, паднала метална шипка и го повредила.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.