Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Здружението на дијабетичари на Куманово ќе се приклучи на предупредувачкиот протест кој е закажан за попладнево пред Министерството за здравство во Скопје.
Причина за протестот е што веќе седум месеци немаат добиено ленти, глукомери (апаратчиња) и игли за мерење и апликација на инсулин во крвта со што значително им се отежнува животот и примената на терапијата.
Незадоволството кулминира заради секојдневниот притисок што се врши врз здружението од страна на пациентите.
„Луѓето со причина се бунат и се се погласни во своите барања. За денеска е планиран мал, предупредувачки протест на кој ќе заминат и наши членови, поради временските прилики и жештините кои не се погодни за заболените од дијабетес протестот е во попладневните часови. Но, доколку не се оствари состанок со одговорните од Министерството за здравство и доколку не се исполнат барањата за обезбедување на медицинските средства протестот ќе се зголеми, и ќе имаме масовен одѕив од нашите членови и општо од луѓето кои живеат со дијабетес“, изјави Зоран Бојковски, претседател на локалниот огранок на здружението.
Во регионалниот огранок на здружението има околу 200 редовни членови, но до него се обраќааат сите заболени од Куманово, Липково и Старо Нагоричане. Според податоците во овој дел 7 илјади луѓе живеат со дијабетес. Од нив над 4 илјади, вклучително и деца до 18 години се на инсулинска терапија, додека останатите користат таблетарна терапија. Преку програма, глукомерите и лентите ги обезбедува Министерството за здравство.
„Велат дека тендерот е завршен, но се чека да помине времето за жалби и останатите законски процедури ,што дополнително го одолговлекува времето кога ќе ги добиеме неопходните ленти и глукомери. Имавме 20- тина апаратчиња, донација на здружението но и тие за овој временски период се поделени на социјално загрозените дијабетичари. По толкав временски период и нашите средства се исцрпени и веќе не сме во можност на никого да помогнеме. Кој може си купува, си позајмуваат меѓу себе, се снаоѓаат луѓето, но ситуацијата веќе предолго трае“, објаснува Бојковски.
Имале ветување од надлежните дека за секој малолетен дијабетичар ќе бидат обезбедени сензори, со кои се избегнува повеќекратното, дневно мерење на шеќер во крвта и дополнително трауматизирање на најмалите пациенти. Контролата на нивото на шеќер е основата за држење на болеста под контрола, за безбеден и квалитетен живот.
„Планирање на оброците, времето и интервалите меѓу нив, како и физичката активност се одредуваат според нивото кој го покажува апаратчето. Затоа сме како парализирани без нив, посебно малолетните лица за кои знаеме дека имаат побрз метаболизам, поактивни се физички па за нив најавите дека ќе добијат сензори беше исклучително радосна вест. И толку, нема исполнување на ветеното“, истакна Зоран Бојковски.
Во Македонија се регистрирани над 45 илади пациенти со дијабетес на инсулин. За дијабетесот оценката и на стручната фела и на пациентите е дека е најподмолната болест-ништо не боли, а предизвикува страшни последици,како што се невропатски, кардиоваскуларни заболувања, ретинопатски промени.
Министерот за здравство Фатмир Меџити тврди дека се преземени сите мерки ваквата ситуација да не се повтори. Министерството работи на тоа да ги постави работите по постулати со што во иднина тендерите ќе бидат спроведувани на време.