Димитриевски го осуди вандализирањето на просториите на КУД „Српски вез“
Градоначалникот Максим Димитриевски го осуди вандализирањето на просториите на КУД „Српски вез“ во Куманово и побара сторителите да бидат откриени и соодветно санкционирани.
„Најостро го осудувам вандализирањето на просториите на КУД „Српски вез“ во Куманово. Барам од надлежните истражни органи да го утврдат идентитетот на сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата“, се вели во реакцијата на Димитриевски.
Тој додава дека Куманово отсекогаш било град на мултикултура и соживот и дека такво ќе остане.
„Ваквите дејствија не се патриотизам, туку чист шовинизам што поттикнува национална нетрпеливост, против која се сите граѓани на Куманово“, наведува Димитриевски.
Викендов беа вандализирани просториите на Културно-уметничкото друштво „Српски вез“ во Куманово, сместени во Центарот за култура. Оштетена е таблата со името на друштвото, а на ѕидот е испишан графитот „УЧК“.