Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, синоќа во Скопје ја промовираше новата партија „Знам“. Во хотелот „Холиде ин“ беше потпишана иницијативата за формирање на партијата од претставниците на 10 граѓански здруженија. Со тој чин се дава поддршка движењето да прерасне во политички субјект.
“Нашата основна цел е да се вратиме на темелите на нашата државност, тоа што постојано го газат. Идеолошките темели на нашето движење се Илинденските и Асномските принципи и референдумските одлуки на граѓаните на Република Македонија за нејзино осамостојување како независна и суверена држава. Но притоа, на тој пат ќе мора и да учиме. Особено ние Македонците да учиме од нашите сограѓани Албанци, да постигнеме национален консензус на македонските граѓани во оваа држава, бидејќи ако не го направиме тоа, ќе не нема. Нашата цел е да ги обединиме граѓаните. И не прашуваат како ќе го направиме тоа. Ќе го направиме како што успеавме во Куманово”, кажа Димитриевски.
Тој порача дека неговата партија ќе работи да има правда за сите, секој да одговара пред законот, а правата на сите граѓани ќе се почитуваат подеднакво, почнувајќи од најмладите, па се до пензионерите, за стопанството, за природните ресурси на државата, за животната средина.
Пред присутните се обрати и генерал мајорот во пензија Павле Арсовски, професорката Катерина Тодоровска и писателот Венко Андоновски, онлајн.
Димитриевски најави дека веќе од денеска ќе почнат со собирање потписи, со цел што поскоро да се регистрираат како нов политички субјект и веднаш да се стават во функција.