×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • На притисоци при избор на директор во детската градинка во Куманово се жали Димитриевски

    29.05.2023 19:09 | Сузана Николиќ

    Градоначалникот Максим Димитриевски тврди дека Министерството за труд и социјална политика (МТСП)  врши притисок врз локалната самоуправа, при избор на директор во  детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово. 

    На притисоци при избор на директор во детската градинка во Куманово се жали Димитриевски

    Тој денеска на прес конференција обвини дека ресорното министерство во незаконска постапка сака да го натера да го прифати предлогот на Управниот одбор на функција да остане досегашната директорка, која веќе две децении ја води институцијата, а во спротивно ќе се соочи со опасност да ги изгуби ингеренциите за именување на директор. 

    „Во постапката за именување на директор на ЈОУ „Ангел Шајче“, Општина Куманово има постапено согласно своите законски надлежности, но сепак од Министерството добива второ укажување на определени материјални и процедурални недостатоци во работата, коешто е неосновано, тенденциозно, и истото не наведува да постапиме спротивно на законот и Статутот на установата, и тоа повторно замислете во нереален рок од вкупно еден ден. Актуелниот директор е директор на институцијата цели 20 години, а на истиот по сила на закон по основ на пензионирање му престанува работниот однос за неполни две години, со што не е во можност да ја реализира и понудената четири годишна програма за работа на оваа установа. Очигледно е дека со ова МТСП се обидува со неоснована постапка да изврши притисок врз локалната самоуправа за да се наметне решение за директор евентуално избрано по партиски клуч, односно да се овозможи на таканаречените "вечни директори" да продолжат да менаџираат со институциите на локално ниво, штитејќи ги партиските интереси наспорти општите граѓански интерес“, кажа  Димитриевски.

    Тој тврди дека кандидатката која ја предлага Управниот одбор не ги исполнува условите, бидејќи 20 години последователно е директор на установата, а согласно член 37 од Статутот на градинката нема право на повторен избор пред истек на четири години од последниот избор. Членовите на УО кога по вторпат да го пратат предлогот до Општината, го смениле и спорниот член.

    „Од Општина Куманово е покрената кривична пријава против членовите на Управен одбор и ќе се водат постапки пред надлежни органи. Јас како градоначалник согласно своите надлежности за запазување на законитоста на постапката и должноста за пријавување на сторени кривични дела не го прифатив предлогот за што го известив Управниот одбор и донесов решение за именување на вршител на должност директор, кој согласно закон функцијата ќе ја извршува од 01.06.2023 година до именување на нов директор, т.е избор на нов директор и тоа најмногу во рок од 6 месеци од денот на неговото именување“, вели градоначалникот.

    Димитриевски обвини дека историјата се повторува, бидејќи пред неполни четири години на Општина Куманово под неразјаснети околности и биле одземени ингеренциите врз градинката „Ангел Шајче“ – Куманово, при што Министерството за труд и социјална политика во тогаш, според него,  нетранспарентна и недемократска постапка ја реизбрало актуелната директорка на оваа институција, спротивно на Статутот, со што и овозможило да менаџира дваесетина години. Пред 2 месеци, кога требаше да се распиша конкурсот за нов директор,  Министерството повторно ги одзема надлежностите на Општина Куманово, но по два дена се премисли и ги врати.

    Борбата за директорското место во Кумановската градинка е помеѓу локалната власт на Димитриевски и неговите политички опоненти и поранешни сопартијци од СДСМ.