Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски тврди дека 80 отсто од градот во моментот е покриен со јавен превоз, наспроти граѓаните кои секојдневно се жалат и критикуваат дека се оставени на цедило од локалната власт.
Веќе месец и половина превоз немаат жителите на населбите: Карпош и Ливади, Ајдучка Чешма, Пуковско, Тромеѓа, Перо Чичо, Зелен Рид, Доброшане, Гоце Делчев, Романовце и др. Тие на работа или за другите потреби во градот користат сопствен превоз или такси услуги, кои се дополнителен товар за тенкиот семеен буџет.
„Имаме обжалени шест или седум постапки за јавниот превоз, верувам дека во иднина тоа ќе се реши, а потоа остануваат инструментите на општината да ги провери квалитетот на возилата кои се ангажирани во јавниот превоз, дали ги исполнуваат еколошките услови, дали се тоа возила со ниски платформи како што е предвидено согласно законот и правилникот, едноставно граѓаните да добијат поквалитетна услуга“, рече Димитриевски, при гостувањето на ТВ24.
Празниот простор во јавниот превоз најмногу го искористија т.н. диви превозници, кои по цена како автобуска карта ги превезуваат граѓаните до посакуваните релации, а за тоа немаат никаква обврска кон државата. Покрај сивата економија ваквиот превоз не ги задоволува на безбедносните стандарди, како што е исправноста на возилата и стручноста на возачите, што е приоритет во секое уредено општество.
Димитриевски смета дека проблемот со превозот има бизнис позадина, бидејќи превозниците кои со години вршат јавниот превоз и превозот на учениците во градот се изградиле во сериозни компании со сериозен капитал, а не сакале да инвестираат во возниот парк.
„Долг временски период од страна на општината беше најавувано на сите превозници кои вршат јавен превоз да влезат во инвестиции и да набават нови возила. На последната тендерска постапка поставивме услови минимум Еуро 4 возила, бидејќи здравјето на граѓаните и квалитетот на услугата првенствено што граѓаните и општината ја плаќаат треба да биде на највисоко можно ниво, согласно условите не наидовме на разбирање и се обидоа во самата постапка да водат некој вид на скриена војна со општината“, тврди Димитриевски.
Токму поради доходовноста на овој бизнис, познавачите на приликите наведуваат дека хаосот во градскиот превоз е затоа што новата локална власт сака да доведе свои луѓе во превозот и да ги истисне поранешните фирми блиски до СДСМ, поради што дошло до судир на двете страни на штета на граѓаните.