Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во предизборната паника да склучи пакт со ВМРО-ДПМНЕ за да го одржат на власт, заборава да распише тендер за јавен градски превоз и ги остава граѓаните на милост и немилост сами да се снаоѓаат, реагираат од Општинската организација на СДСМ од Куманово, откако од почетокот на годината Куманово остана без јавен превоз поради незавршената тендерска постапка за избор на превозници.
Од СДСМ велат дека Димитриевски ја започнал постапката со јавен оглас дури на 14.12.2021 година. Доколку истата била отпочната пред локалните избори, граѓаните немало да се соочат со овој хаос во јавниот градски превоз.
Тие посочуваат дека Димитриевски преку своите ПР служби во Општина Куманово соопштил дека од 01.јануари.2022 година, поради истекот на важноста на дозволи на превозниците за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, ќе престане да се одвива јавниот превоз, се до завршување на постапката на која се јавиле 9 превозника, а на која сигурно ќе има жалби, што значи дека нема да заврши брзо.
„Дополнително, за некои линии кои не се атрактивни никој не се пријавил , како што се селата Шупли Камен, Косматац, Новосељане, Четирце, Мургаш, граничен премин Табановце, новата линија Бајрам Шабани – Бедиње. Никој не сака да ги преземе овие линии , со што Димитриевски уште еднаш покажа неводење грижа за жителите и не овозможи подеднаков третман за сите граѓани. Ова е проблем за граѓаните на Куманово, а особено за жителите на приградските и селски населби, кои ќе немаат со што да отидат на работа“, велат од СДСМ.
Тие сметаат дека ситуацијата е уште поотежната, бидејќи Димитриевски направил пропуст и во грижата на децата, кои ги остава без превоз кога ќе заврши зимскиот распуст.
„Товарот го носат и граѓаните и учениците, сами да се снаоѓаат со превоз во зимскиот период и да им се создадаваат дополнителни и зголемени трошоци во период на здравствена и енергетска криза. Ова ли е таа грижа која ја ветуваше Димитриевски? Приоритетот на Димитриевски е неговиот личен интерес, а не граѓанскиот. Граѓаните со право бурно реагираат затоа што Димитриевски на дело го покажува немањето капацитет да го одржи зборот пред граѓаните и ги остава на милост и немилост“, стои во соопштението на СДСМ.
Тие апелираат надлежните инспекциски служби да истражат зошто Димитриевски без јавен превоз во зимскиот период.