Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Хартија, најлони, картонски кутии, пластични шишиња, отпадоци од храна и облека, се расфрлани околу добиточниот пазар во селото Долно Којнаре, кои ги остават продавачите во сабота и недела.
Жителите велат дека сметот никој не го собира, па населбата е претворена во депонија.
„Секоја недела после затворање на пазарот ѓубрето останува. Не го чистат од пазарот, ниту од Чистота. Ќе дувне ветер и го разнесува по улиците, во нашите дворови, по цело Којнаре, дури до училиштето. Живееме во депонија, не знаме каде да се жалиме. Дали постои инспекција во градот која може да поведе ред. Пријавувавме во Општина Куманово на сајтот за пријави проблем, ама никој не презема ништо“, вели К.К. жител на населбата кој реагираше до нашата редакција и ни ги испрати фотографиите.
Покрај во кругот на пазарот, продавачи има и на самата улица и на влезот на пазарот, кои ѓубрето не го собираат кога ќе си тргнат дома. Така стои со денови и месеци, загадувајќи ја околината и животната средина.
Од ЈП „Пазаришта“ велат дека тие се должни да го исчистата внатрешниот дел на добиточниот пазар, по завршување на работниот ден и да го одложат сметот во контејнер, а останатото не е нивна работа.
„Сметот треба го собераат нашите вработени и да го одложат во контејнерите. За нивно празнење и одржување на јавните површини е задолжено ЈП „Чистота и Зеленило“, вели директорот на „Пазариште“ Гезим Кадриу.
Жителите велат дека никогаш не виделе некој од јавните претпријатија да го чисти ѓубрето, туку остваат ветрот да ја заврши нивната работа.