Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово ја доби потребната согласност од Министерството за социјална политика, демографија и млади, за вработување на 11 лица, главно негуватели и помошно-технички персонал.
Меѓу нововработените се планирани и психолог и социјален работник, како дел од стручниот тим на институцијата.
„За оптимално функционирање потребни се и високообразовани кадри, пред се за психолошка и социјална поддршка на корисниците на услугата. Убаво би било, кога би имале можност и за вработување на работен терапевт кој би ја осмислувал програмата за анимација и исполнување на времето на штитениците, но ќе гледаме да ангажираме профили кои се есенцијални за непречено функционирање на институцијата“, истакна директорот Дејан Стојановски.
Установата има потреба за ангажирање на уште повеќе професионални кадри, но мораат да се усогласат и со буџетот со кој располагаат.
Домот за стари лица во Куманово е со најголем капацитет за згрижување во државата. Моментално се згрижени 171 лице, сместувачките капацитети се максимално искористени со корисници- не само од Североисточниот регион, туку претежно од источниот дел на Македонија. Со нововработените лица нема целосно да се реши проблемот, но значително ќе се ублажи за да се подобрат услугите и условите за престој на старите лица.
Со години наназад домот се соочува со потреба од нови вработувања, но надлежното министерство не даваше согласност.
Во државата работата шест домови за стари лица во државна сопственост- освен Куманово, кој е еден од најстарите формирани, функционираат уште два во Скопје, Битола, Прилеп и Берово.