Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Донација од седум компјутери и 15 речници на англиски јазик од личната библиотека донираше Бригада на Југоисточна Европа – СИБРИГ на ООУ „Крсте Мисирков“ од Куманово.
Донацијата ја предаде бригадниот генерал Аристеидис Илиопулос, инаку командант на бригадата, која е сместена во кумановската касарна „Боро Менков“.
„Во знак на почит, гостопримство и одлична соработка што ја имаме во изминатите месеци со локалната власт, но и со наставниците кои се исклучително важни не само за учениците, туку и за целата заедница, донацијата е симболичен подарок како гест на благодарност“, изјави командантот Илиопулос.
Градоначалникот Максим Димитриевски истакна дека Општина Куманово има високо ниво на соработка со Армијата на Македонија, која претставува пример за сегашната и идна соработка со СИБРИГ бригадата.
„Ја поздравувам нивната мисија и посакувам и понатаму да продолжи соработката на едно високо и успешно ниво, воопшто не разговараме за висината на донацијата, туку самиот гест што го направија припадниците на бригадата за нас е од големо значење и јас верувам дека ваквите проекти ќе продолжат и во иднина“, кажа градоначалникот.
Директорот на ООУ “Крсте Мисирков“, Филип Колевски, подвлече дека донацијата ќе биде од корист за квалитетот на образовниот процес и понатамошните успеси на оваа образовна установа.
„Почестени сме што нашето училиште е одбрано за оваа донација. Тоа ќе придонесе и понатаму да бидеме меѓу најдобро рангираните училишта кои постигнуваат бројни резултати и ја унапредуваат наставата“, рече Колевски.