Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вкупно 279 ученици од земјата учествуваа на Државниот натпревар за млади истражувачи, кој денеска се одржа во Техничко училиште „Наце Буѓони“ од Куманово.
Организатор е Народна техника на Македонија, во соработка со Сојуз на здруженија на млади истражувачи од Македонија „Наука на млади“, Сојуз на клубови на млади техничари и природници (СКМТПМ) и Народна техника Куманово.
Се работи за единствена манифестација во државата, која е со над 60-годишна традиција, на која ученици од основните и средни училишта заедно со нивните ментори изработуваат проекти во 25 области од применети природни и технички науки.
Основците имаа можност да ги презентираат трудовите од применета географија, хемија, биологија, математика, физика од предметите кои ги изучуваат на училиште, но и од метеорологија, конструкторство, компјутерска техника, екологија, роботика и автоматика, иновации, фототехника, астрономија, бродомоделарство, воздухопловно и сообраќајно моделарство, како и градежништво и архитектура.
Учениците од средните училишта од државата ги покажаа своите знаења и вештини во климатологија и применета метеорологија, обновливи извори на енергија, агротехника, ботаника и зоологија, микробиологија, гастрономија, применета неорганска хемија и биохемија, екологија, фармација, иновации, роботика и автоматика, електроника и електротехника, машинска техника, фототехника, примена на софтвер, дизајн на веб страница, применета физика и применета географија.
„Ова не се класични натпревари, како што ги организираат училиштата, тука се претставуваат истражувачки, иновативни проекти. Најдобрите се квалификуваат за меѓународни натпревари“, истакна Пере Митрев, директор на Народна техника на Македонија.
Од името на Сојузот на здруженијата на млади истражувачи- „Наука на младите“ се обрати претседателката м-р Соња Миленковска.
„Би сакала да изразам огромна почит на суштинските чинители на ова манифестација, на учениците и нивните ментори. Тие се особено заслужни во одржувањето на повеќедеценискиот континуитет на продуцирање стручни и научни потенцијални кадри, преку взаемен ангажман кој се состои од препознавање, поттикнување и развивање на творечките способности на талентираните ученици, кои ги започнуваат своите први чекори во научно- истражувачкиот свет. Затоа, нашата задача е да им овозможиме да ги претстават истражувачките резултати и сознанија кои во иднина би биле применливи во најразлични сфери на човековото живеење и на тој начин да придонесеме сите заедно за општото добро на нашата држава и нашата планета“, потенцираше Миленковска.
На учесниците и гостите добредојде им посака директорот на „Наце Буѓони“ Драган Јаневски, а за отворен натпреварот го прогласи претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска.
Народна техника на Макаедонија годинава одбележува 79 години од своето постоење. Натпреварите се организираат посебно за основните и за учениците од средните училишта, секогаш во друг град од државата. Куманово пред 10 години било домаќин на натпреварот за основците во училиштето „Кочо Рацин“.
Оваа година по 61 пат се одржа државниот натпревар на млади истражувачи, и 62 пат за млади техничари и природници на Македонија.