Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во пет средни училишта во Куманово за полагање на државна матура се пријавиле 866 ученици, 316 за завршен испит и четворица за училишна матура.
Податоците се од општински училишта: „Перо Наков“, „Наце Буѓони“ и гимназиите „Гоце Делчев“ и „Сами Фрашери“, како и Државното средно училиште „Киро Бурназ“.
„Сите 205 матуранти од Гимназијата „Гоце Делчев“ ќе полагаат државна матура, а во „Сами Фрашери“ каде наставата е на албански јазик пријавени се 166 за испитите од државна матура и двајца за училишна матура. Тоа значи дека овие средношколци планираат да го продолжат своето образование на факултетите во државата или во странство“, вели Александар Јовановиќ од Секторот за образование во Општина Куманово.
Во техничкото училиште „Наце Буѓони“ 329 матуранти се пријавени за државна матура и 191 ќе полагаат завршен испит. Во Средното стручно училиште „Перо Наков“ 144 матуранти ќе полагаат државна матура, 29 завршен испит и двајца училишна матура. Во Државниот центар „Киро Бурназ“ за државна матура се пријавиле 22 матуранти, а за завршен испит 96 ученика.
Оваа година државната матурата ќе се полага во спортски сали и холови, па секое училиште ќе се организира според напатствијата од Државниот испитен центар.
Државната матура започнува на 1 јуни, кога ќе се полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература. Вториот дел се полага во сабота на 8 јуни, а учениците можат да изберат еден од задолжителните предмети- математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.
Сите ученици, без разлика каков испит полагаат добиваат сертификати за комплетирање на задолжителното средно образование. Разликата е што се полагаат четири испити на државна матура и тие ученици имаат поголема предност за запишување на некој од факултетите. На училишна матура и завршен испит се полагаат по два испити, главно во стручните средни училишта и насоките со тригодишно образование. Училишната матура се полага според посебни испитни програми кои се темелат на целите на наставните програми за соодветните наставни предмети кои се вклучени во листата за училишна матура. Завршниот испит опфаќа: задолжителен дел, изборен дел и проектна задача.
И учениците со училишна матура или завршен испит имаат можност за дооформување на образованието на високите школи или факултетите, но само онаму каде што има доволно слободни места.