Мени

Единаесет години од Диво Насеље

09.05.2026 12:28 | KumanovoNews

Денеска се навршуваат 11 години од вооружениот напад на терористичка група во Диво Насеље, кога беа убиени осум припадници на државните безбедносни сили, а 37 беа повредени.

Единаесет години од Диво Насеље

Во полициската акција за разбивање на вооружената терористичка група, престрелките траеја на 9 и 10 мај, а целиот град беше под опсада и во страв дека конфликтот може да се прошири и во другите населби во Куманово.

Во борбите со терористите загинаа полицајците: Жарко Кузмановски и Сашо Самојловски од село Брвеница, Ненад Серафимовски од село Зубовце, Горан Илијевски од Гостивар, како и Бобан Ивановиќ, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ и Горан Стојменовиќ од Скопје.

Акцијата започна во раните утрински часови, во 4:30 часот на 9 мај, и траеше непрекинато 28 часа. По завршувањето на пресметката беа приведени 36 членови на терористичката група, додека 14 беа убиени. Надлежните тогаш информираа дека станува збор за група што претставувала закана за целиот регион и чии членови биле барани со меѓународни потерници.

Загинатите никогаш не добија споменик во Куманово, па пред три години беше поставено спомен-обележје во кругот на СВР Куманово, а во централното градско подрачје беше насликан и мурал посветен на специјалната единица „Тигри“.

Денеска, во 10 часот, во црквата „Свети Никола“ се одржа панихида за загинатите припадници на безбедносните сили.

Пред спомен-плочата во СВР Куманово свежо цвеќе ќе положат делегации од јавниот и политичкиот живот во градот, а ќе се одржи и меморијален турнир во мал фудбал.