Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Отворањето на „Денови на комедија 2024“ е закажано за 24 септември со претставата „Вечера за глупаци“ на Театар Велес, по што следуваат 16 фестивалски денови и 10 други претстави.
Гостуваат театри од Србија и Бугарија, од државата ќе учествуваат Велес, Охрид, Тетово, Штип и Скопје, а од Театар Куманово свои изведби ќе има и албанската и македонската драма.
Втора по ред ќе биде претставата „Секс, лаги и љубомора“ на Народен театар Охрид, „Фустан за бегство“ на Драматичен куклен театар од Враца, Република Бугарија, „Аутопут Сагбама“ на Позориште „Боро Станковиќ“ од Врање, Србија, „Пар распар“ на Театар Комедија од Скопје, „Итроштините Патук“ од Тетовскиот театар, „Се бара нов маж“ од Куклен театар Плевен, Бугарија, „Мажи во влечки“ на албанската драма на Театар Куманово, „Женидба“ на Народен театар Штип, „Кокошке“- Народно позориште од Ниш. На 8 октомври ќе биде изведена премиерата на „Ноќ спроти Водици (Како што сакате)“ на Театар Куманово кој традиционално ја затвора фестивалската програма со нова претстава на репертоарот.
Фестивалот ќе биде затворен на 9 октомври со реприза на кумановската претстава, но пред тоа ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, најдобра женска и машка улога, најдобра сценографија, костимографија и најдобра режија.
Освен со официјалната програма на претстави кои влегуваат во конкуренција за награда, планирани се и две вечери со изведба на студенти.
„Ова година ги поканивме и Факултетот за драмски уметности од Скопје и Факултетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА , студентите да бидат дел од пратечката програма на овој фестивал. На 30 септември и 7 октомври би требало да има изведба на дела од студентите на тие факултети, но за датумите се уште се дискутира. Се надевам дека ќе дојдеме до решение и публиката ќе има можност да види настапи на надежите на драмската уметност во државата“, истакна директорот Сашо Тодоровски.
Веќе е завршено и пријавувањето за волонтери кои ќе помагаат во оргазнизација и одржување на „Деновите на комедија“ за ова година. Ангажирани се 10-тина млади лица кои одблиску ќе можат да видат како течат подготовките и да видат одблизу како изгледаат фестивалските денови.
Билетите ќе бидат пуштени во продажба неколку дена пред почетокот на фестивалот по цена од 200 денари. Сите изведби започнуваат во 20 часот на големата сцена во Центарот за култура во Куманово.
Најпопуларниот театарски фестивал на комедијата во државата се одржува со финансиска поддршка од 600 илјади денари од Министерството за култура , а со програмата на Општина Куманово се издвојуваат 330 илјади денари, а помагаат и спонзорства од приватни компании од градот.