Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Една жена и осум мажи се во игра за нов претседател на општинската организација на СДСМ Куманово. Кој од нив ќе седна на „жешкото“ столче во разединетата и како никогаш досега поделена општинска организација на „Илинденска“, ќе се знае до крајот на месецот.
Во постапката за избор на претседател, предлози на месните одбори кои се испратени во централа се: Мартин Костовски, Оливер Илиевски, Марјан Спасовски, Драгана Цветковска, Сашо Тодоровски, Сашо Милковски и Александар Арсиќ, додека Виктор Божиновски и Емил Ташевски се самокандидирале.
Ташевски јавно кажа дека неговите мотиви за кандидатура е довербата во партијата.
„Враќање на верба во партијата која низ институционален облик може да ги оствари и гарантира овие вредности. За здрава партија ни треба фер борба. Социјалдемократските вредности и начела треба конечно да светнат во полн сјај“, напиша Ташевски.
И адвокатот Божиновски, кој пред десетина години беше претседател на кумановското СДСМ вели дека е време за враќање на вистинските социјалдемократски вредности.
„Трансформација на работата на месните организации и враќање на дел од членството, кое во изминатите години целосно беше пасивизирано. Истовремено и афирмирање на политиките на Владата на Македонија“, вели Божиновски.
Од кандидатите предложени од членството, најголем дел се кадри кои веќе имаат одговорни партиски и општествени функции.
Актуелниот секретар Оливер Илиевски, вели дека доколку биде избран за претседател ќе работи исклучиво на обединување на општинската организација.
„Ако бидам претседател, прво нема да се кандидирам за пратеник на следните избори, а мој приоритет во работењето ќе биде реорганизација и обединување на членството и победа на следните парламентарни. Мислам дека можам тоа да го направам и затоа очекувам поддршка за функцијата“, изјави Илиевски.
Предложените кандидати со своите програми прво треба да ги поминат сите партиски филтри и интервјуа, а конечниот збор ќе го имаат делегатите на општинската конференција.