Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претставници на воспитно-образовните институции од Општината и Здружението за едукација консалтинг и комуникација ОХО, денеска во ОУ "Толи Зордумис", потпишаа Меморандум за соработка на програмата "Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем".
Овој проект го финансира Швајцарската aгенција за обнова и развој, а се реализира преку Министертвото за образование и наука. За првите три години Агенцијата одвојува 2,9 милиони швајцарски франци.
"Проектот има за цел да ги интегрира еколошките содржини преку постоечките предмети во сите развојни периоди, како и да ги ангажира сите чинители, наставници, педагошко-психолошките служби, локалните власти во насока на проекти за зачувување на животната средина"- рече Љупчо Спасовски,од Министертвото за образование и наука.
Градоначалникот Зоран Дамјановски, потсети дека Куманово веќе неколку години успешно работи на подигање на еколошката свест кај граѓаните, преку проектот „Зелено Куманово сила на природата„.
Ние сме една од ретките општини на Балканот што има пречистителна станица за отпадни води, го гасифициравме градот за да користиме природен енергенс кој не ја загадува природата - рече Дамјановски.
Здружението ОХО го моделира овој проект преку вметнување искуства од повеќе од 100 –тина држави од интернационална програма за еколошко образование.
"ОУ "Толи Зордумис" преку заштеда на енергија и вода, оддржување на зградата и уредувањето на дворот ја подигнува свеста кај учениците за зачувување на животната средина"- вели Нинослав Трајковски, директор на училиштето.
Училиштата преку еколошки проекти и бројни активности од секојдневниот живот, настојуваат да ја подигнат свеста на наставниците, учениците и родителите за заштита на животната среднина. Програмата "Немаме резервна планета" се фокусира на еколошко, економско и домаќинско менаџирање на училишните згради и градење еколошка култура, преку практичен пример на однесување и грижа кон се што не опкружува.