Ерина Бајрами меѓу најдобрите млади есеисти
Ерина Бајрами од ОУ „Наим Фрашери“ – Куманово е една од наградените ученици за најдобар есеј по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.

Есејот на Ерина Бајрами беше прогласен за најдобар во категоријата ученици од седмо до деветто одделение кои наставата ја следат на јазик различен од македонскиот. Таа пишуваше на тема: „Македонскиот јазик и мојот мајчин јазик се богатство кое не тежи, туку возвишува“.
Оваа година шест основци и средношколци победија со своите есеи во исто толку категории во рамки на конкурсот по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Конкурсот го објави Министерството за образование и наука на 5 мај, кога и се одбележува Денот на македонскиот јазик и на истиот пристигнаа над 320 апликации од ученици од четврто одделение во основното образование до четврта година во средното образование.
Победниците на конкурсот, денеска во МОН остварија средба со министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска која им додели пригодни подароци.
„Јазикот е душата и идентитетот на еден народ, симбол на индивидуалноста и уникатноста. Оттука, исклучително важно е да го почитуваме и да продолжиме да се грижиме за развојот на македонскиот, но и на сите други јазици на кои говорат граѓаните на Македонија. Ви честитам на заложбата, на вложениот труд и ви посакувам во иднина уште многу успеси и победи“, рече министерката Јаневска, изразувајќи задоволство што младите сакаат да творат и да учествуваат на натпревари.
Учениците од четврто до шесто одделение, се натпреваруваа на тема „Мојот македонски јазик е како виножито, полн со бои и зборови“, а првото место го освои Лука Стојановиќ од ОУ„Видое Подгорец“ с.Колешино, Ново Село. Учениците од седмо до деветто одделение пишуваа на тема „Мојот македонски јазик- мој идентитет, културно наследство и аманет“ и првото место и’ припадна на ученичката Ива Јосифовска од ОУ„Гоце Делчев“- Прилеп, додека на истата тема, помеѓу учениците од прва до четврта година средно образование, првонаграденa е ученичката Тијана Атанасова од СОУ„Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.
Ученичката Рига Куртај од ОУ„ 25 Мај“- Гази Баба е победник во категоријата на ученици од четврто до шесто одделение кои учат на наставен јазик различен од македонскиот јазик, а се натпреваруваа на тема „Македонскиот и мојот мајчин јазик се пријатели“.
Учениците од седмо до деветто одделение кои учат на наставен јазик различен од македонскиот јазик пишуваа на тема „Македонскиот јазик и мојот мајчин јазик се богатство кое не тежи, туку возвишува“, а најдобар е есејот на ученичката Ерина Бајрами од ОУ„ Наим Фрашери“ - Куманово. Додека на истата тема, меѓу учениците од прва до четврта година од средните училишта кои учат на наставен јазик различен од македонскиот, првонаграден е есејот на ученикот Аљдин Мурати од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“- Кисела Вода, напишан на брајово писмо.