Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Рубен А.(24) од Куманово е осомничен дека го убил од користољубие Горан Трајановски (39), бизнисменот од кумановската населба Зелен Рид. Неговата девојка П.С.(22) и нејзините роднини П.С (40) и П.М.(17) од Скопје се соизвршители на делото.
Убиецот вчера бил приведен во полиција во Скопје за извршени разбојништва врз таксисти, по што биле откриени и останатите дела. Истражен судија одредил притвор на Рубен.А.,П.С.(22) и П.М.(17), додека П.С. (40) сеуште е на распит во СВР Куманово.
Според полицијата, четворицата се договориле да го ограбат Трајановски и со такси отишле во близината на неговата куќа на ул.„АВНОЈ„. Околу 23 часот, откако се увериле дека бизнисменот е дома Рубен и П.С.(40) со маски на лицето и ракавици на рацете влегле во дворот од куќата и заѕвониле на влезната врата. Кога Горан отворил, разбојниците се обиделе да го ограбат, но тој им се спротивставил и побарал помош. Во еден момент Рубен извадил пиштол кој го поседувал без дозвола и со рачката го удрил во пределот на главата, а потоа испукал еден куршум во него. Од здобиените повреди Горан починал на самото место. Насилниците побегнале од куќата и на булеварот „Октомвриска Револуција“ украле автомобил „Мазда“ со кој заминале во Скопје.
Рубин е познат прекршител на законот, кој побегнал од КПУ„Идризово“ и се криел кај семејството на неговата девојка и нејзиниот брат во Скопје.
МВР продолжува да работи на расветлување и на други дела за кои постојат индиции дека биле извршени од страна на осомничените.