Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Филмот „М“ на Вардан Тозија ќе се прикажува во МКЦ „Козјак“ Куманово, почнувајќи од понеделник 16 октомври и ќе продолжи во наредните денови, додека има интерес од публиката. Премиерата на филмот беше во јули годинава, а во него меѓу другите настапуваат и популарните кумановци Сашко Коцев и Тони Михајловски.
Филмот е приказна за 8-годишниот Марко, кој во суровиот свет обземен од таен вирус е во потрага по својата мајка. Детето живее затворено во границите на својата, магична шума, под строг надзор на посесивниот татко, кој, пак, се обидува да го сочува од светот надвор од границите.
„Сѐ додека еден ден љубопитноста не го натера тоа дете да излезе од границите на шумата, да истражи, да види што има зад тој свет, тој забранет свет. Наоѓа едно другарче и почнува да истражува. Тоа истражување води кон одреден след на настани кои ќе го доведат во една голема авантура“, го опишува своето дело режисерот Вардан Тозија.
Во филмот играат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска, Бојана Грегориќ-Вејзовиќ, Оливер Митковски и Владимир Тулиев.
Сценариото на филмот е на Даријан Пејовски и Вардан Тозија, кој воедно е режисер. Ова е втор негов филм.
Премиерно филмот бил изведен на фестивалот Синедејс во Скопје на 13 јули. Сега продолжува неговот прикажување низ градовите во Македонија.Филмот е македонска копродукција со фирми од Хрватска, Косово, Луксембург и Франција.