Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ученици од општинските средни училишта „Перо Наков“, „Наце Буѓони“ и Гимназија „Гоце Делчев“ викендов учествуваа на годинешниов Струмичкиот карневал.
Тие настапија со маската „Јинг Јанг“, со која економското училиште учествуваше на маскенбалот „Батко Ѓорѓија“ во Куманово минатата пролет и со која ги собраа симпатиите и гласовите на публиката.
„Како една од најуспешните маски на локалниот маскенбал, колегите од трите средни училишта одлучивме да го поддржиме и да настапиме со ова идејно решение. Имавме маскирани 24 ученика, по осум од секое училиште и две деца кои го носеа транспаренотот и бројчето под кое настапивме. Убаво искуство за сите нас, но морам да нагласам дека традиционално учествуваме на овој начин повеќе од 15 години. И планираме да продолжиме“, истакна Викторија Крестевска, наставник по група предмети од текстилно- кожарската струка.
Средствата за учество на меѓународниот фестивал се обезбедени од сопствените училишта, со поддршка и покровителство на Општина Куманово.
Струмичкиот карневал има интернационален карактер, а во изданието за 2024 година учествуваа 1.500 маскирани луѓе, во 49 маски. Имаше гости од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција, Грција, Бугарија и Македонија. Дефилето на Плоштадот Гоце Делчев траеше повеќе од 4 часа, а публиката се забавуваше со уникатни и интересни креации. Секоја година овој карневал ја зголемува својата популарност и привлекува побројна публика.
Карневалот во Струмица е вековна традиција и е директно поврзан со верскиот празник Тримери.
(Фото: Ване Трајков)