Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Французи, собирачи на билки во природата, денеска во Куманово презентиораа како од билки можат да се направат креми и сирупи за домашна употреба.
Четворица берачи на билки од регионот Долна Нормандија седум дена престојуваат во општина Ранковце каде собираа најразновидни диви билки, како дел од проектот “Ароматични и лековити растенија - вредносно природно наследство“. Прокетот го реализираат организациите Рурална коалиција, Вештини Ко од Франција и Слоу Фуд од Скопје, преку програмата Еразмус плус, а целта е размена на искуства меѓу берачите во двете земји.
“Идејата е луѓето да ги осознаат рецептите, да ги подготвуваат во домашни услови, да си ги подготвуваат за себе. Нормално дека преку овие активности се промовира вредносното и лековитото значење на билките кои што ги имаме. Во оваа недела, еден мој заклучок е и можам да споделам дека иако кај нас има повеќегодишна традиција во собирање на билки, сушење, користење, но сепак она што е правено пред 30 години, се прави и денес“ - изјави Трајан Димковски од Рурална коалиција.
Димковски вели дека во Франција собирањето и продавањето на билки е поценето и по тој пример и кај нас треба да се менуваат работите.
Француските берачи велат дека нашиот регион е богат со разновидни билки.
“Она што ние сакаме да го направиме е поттикнување на локалната економија, односно соработка помеѓу македонски и европски партнери кои што го поддржуваат домашното односно локално производство на природна база“ - рече Арно Троле од Франција.
На настанот присуствуваше француската амбасадорка, Лоренс Оере и градоначалникот на општина Ранковце, Момчило Алексовски и двајцата се согласија дека богатството со билки е потенцијал на земјата.
“Овој проект е доста иновативен, за прв пат го промовираме оваа година. Природното богатство го негуваме, а вие изобилувате со многу и навистина може да се направи една посебна гранка од ова “- кажа амбасадорката.
Од билната аптека Херба Стојановски им презентираа на гостите како се подготвува билна тинктура за ослободување од стрес, која може да се користи наместо антидепресиви.