Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во крводарителска акција што се организираше во Коледарскиот клуб во населбата Карпош денеска беа собрани над 50 единици крв. Големиот одзив на крводарители ги изненади и организаторите.
Денеска во однос на претходните акции, одзивот е многу поголем. Ако порано собиравме помеѓу 20 и 30 крвни единици денеска има над 50, а кацијата уште тече. Со секоја крводарителска акција се зголемува бројот на крводарители и тоа е добро. Потребите за крв се менуваат од минута во минута, од час во час и никогаш не се знае кога ќе биде неопходна. Ние трансфузиолозите секогаш велиме дека крводарителите треба да доаѓаат и да даруваат крв која подготвена и контролирана треба да ги чека пациентите - вели Лилјана Славковска, специјалист трансфузиолог.
Киро Соларски од Здружението на коледари, организатор на акцијата вели дека изминативе десет години тие анимирале многу луѓе да даруваат крв.
Имаме собрано преку 1000 литри крв во нашите акции, а колку животи се спасени не знаеме. Тоа не потикнува да продолжиме со акциите и ги натераме граѓаните да стекнат навика за крводарувањето. Денеска дојдоа над 100 луѓе за кои обезбедивме комплетен ручек и пиење. Овие хумани луѓе го заслужуваат тоа, бидејќи тие даруваат крв за да спасат нечии живот. Апелирам до надлежните институции повеќе да ги ценат крводарителите и да се изборат за нивен подобар третман во општеството- вели Соларски.
Здружението Коледари оваа година слави 10 години постоење и успешна работа во зачувување на традицијата и хуманоста кај луѓето.