Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мурал на голманот на македонската фудбалска репрезнентација Столе Димитриевски нацртаa уметниците од Здружението за ликовна уметност „Форма“ во неговиот роден град Куманово, во знак на историските успеси што ги донесе на македонскиот фудбал и фановите.
Неговите сограѓани се горди што Димитриевски последните години е еден од најдобрите македонски голмани, а особено по историскиот успех на натпреварот против Италија, кога будно ја чуваше мрежата од противничката екипа.
Автори на муралот се младите уметници Дејвид Стоилковски и Младен Трендевски, а Здружението „Форма“ самоиницијативно и со сопствени средства го изработи ова дело, без никаква поддршка од институциите.
„Преку овој чин, сакавме да му заблагодариме и да му одадеме чест на нашиот Столе, кој не направи горди кумановци. Возбудата е голема пред утрешниот натпревар со Португалија во финалето на баражот за пласман на Светското првенство во Катар. Со овој мурал ја изразуваме нашата огромна поддршка за Димитриевски и македонската репрезентација, кои безрезерно ќе ги бодриме“, велат од „Форма“.
Муралот се наоѓа пред влезот во населбата „Перо Чичо“ , и предизвика голем број позитивни реакции кај кумановци, кои утре ќе можат да го проследат натпреварот Македонија - Португалија преку видео бим на Градскиот плоштад.
Инаку, уметниците од Здружението за ликовна уметност „Форма“, кои често изненадуваат со разубавувањето на кумановските локации, најавија дека наскоро ќе се одржи и Фестивалот „Графит фест“, како и повеќе други проекти за уметничко обликување на урбаните единици во Куманово.