×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Гори депонијата Краста и ги труе жителите од околните села

    28.07.2023 11:53 | Оливера Пешевска

    Повеќе од десетина дена гори депонијата Краста, а чадот се шири во околните села и периферијата на Куманово. Од загадувањето на воздухот најмногу се жалат жителите на селото Пчиња, кои постојано реагираат и бараат помош од надлежните. 

    Гори депонијата Краста и ги труе жителите од околните села

    „Пожарот на депонијата Краста не е потпален во последните 10 дена , таму си гори и чади нон-стоп од февруари наваму. Покриваат со земја, но како вулкан си работи и повторно избива. Ако некој помине навечер ќе помисли дека поминува покрај луна-парк, си свети, си чади, штипе за носот, грлото и очите“, изјави Александар Илиевски, претседател на МЗ Пчиња.

    Службите на ЈП „Чистота и зеленило“, го санирале пожарот, а во неколку наврати интервенирала и Противпожарната единица Куманово. Оттаму велат дека единствениот начин е да се затрупа жариштето со земја, но и високите температури и испуштањето на метан не дозволуваат целосно да се изгасне.

    Најлошо било во саботата, кога од чадот и огнот била намалена видливоста на патот покрај депонијата.

    „Во саботата навечер избувна пожар, но го саниравме до неделата напладне. Оттогаш нема пожар, само чадење. И утринава проверив со работниците, повторно фрлаат земја, но нема потреба за поголемо интервенирање или ангажирање на пожарникари. Дури ни ветрот не предизвика ескалација и разгорување“, истакна директорот Даниел Стојчевски.

    Жителите на Пчиња и околните места, велат дека имаат големи проблеми поради депонијата, бидејќи постојано гори и чади, или ветрот го разнесува сметот по нивите и полињата. Тие се плашат за своето здравје, и за иднината на нивните деца.

    „Се е мртво, ниту се работи, ниту се спие. Како основно не можеме да дишеме, верувам дека мирисот се чувствува и во градот. Кај нас наизменично се актуелни два проблема - ако врне во опасност е мостот, кога е суша депонијата ни го загорчува животот“, објаснува Илиевски.

    Тој додава дека дел од жителите сакаат да протестираат, а случајот веќе го пријавиле во Инспекторатот за животна средина, пратиле дописи и до локалните власти, до Министерството за животна средина и Владата, од кои чекаат поенергична реакција. 

    (фото. Еко Пчиња)