×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Градоначалниците на Куманово меѓу двете светски војни

    25.10.2017 12:00 | KumanovoNews

    Во Република Македонија,  годинава се одржаа шестите по ред локални избори од осамостојувањето на Р. Македонија, за избор на советници и градоначалници во 80 општини во Република Македонија и градот Скопје.

    Градоначалниците на Куманово меѓу двете светски војни

    Во општина Куманово, за градоначалник  во првиот круг е изабран кандидатот на СДСМ Максим Димитриевски, кој стана 32 градоначалник  по завршувањето на Првата светска војна (1918), 24 по завршувањето на Втората светска војна (1945), 6 по ред од осамостојувањето на Р. Македонија (1991) и 3 по ред на градоначалници на Куманово избрани во „новиот милениум“.

    Во оваа прилика ќе ги наброиме и ќе кажеме нешто повеќе за градоначалниците на Куманово кои управувале во периодот од 1918 до 1941 год., т.е. во Кралството СХС и Кралството Југославија, односно во периодот меѓу двете светски војни. Бидејќи во тој период биле изградени некои од најубавите локални објекти, кои и денес постојат во градот, како што се: Занаетчискиот дом, Соколана, Хотел Куманово, Градска болница и т.н.

    Во општината, односно во градот Куманово, во периодот од 1918 до 1941 год. управувале градоначалниците: Ќира Анѓеловиќ, Коста, Дајлев, Тома Глигоријевиќ, Ѓорѓе Младеновиќ, Ќира Маневиќ, Никола Стојковски, Драгомир Вукадиновиќ и Трајко Лопарски.

    Од сочуваните архивски материјали се гледа дека во периодот после формирање на Кралството СХС, за градоначалник на Куманово бил Ќира Анѓеловиќ, чевлар од Куманово, кој на оваа функција останал се’ до локалните избори 1920 година, каде убедлива победа имале комунистите и нивниот градоначалнички кандидат Коста Дајлев.

    Коста Дајлев, бил поранешен кројач, член на Комунистичка партија и градоначалник на Куманово, кој бил избран на локалните избори на 22. август 1920 година. На овие избори комунистите од Куманово се избориле за 3 кметовски и 24 советнички места после што била формирана кумановска црвена управа, а градот станал познат како „Црвено Куманово“. Комунистичката администрација во општината работела некаде до август 1921. година, каде после донесувањето на Обзнаната и Законот за заштита на државата, комунистичкото движење во целост било забрането, а резултатите од претходните избори насилно поништени.

    Тома Глигоријевиќ, бил сопственик на првата кумановска печатница и книжара. Бил градоначалник на општина Куманово во три мандати. Прв пат станал градоначалник на Куманово после донесувањето на Законот за заштита на државата, некаде на есен 1922 година, кога бил поставен на местото на легално поставениот комунистички градоначалник Коста Дајлев. Вториот мандат му траел од 20. август 1926 година до 9. февруари 1929 година, додека третиот пат го именувал банот на Кралската бановина – Вардарска бановина на 28.  март 1935 година, каде останал на функција до 16. март 1936 година.  За време на неговиот втор мандат, во ноември 1926 година, во целост биле завршени и пуштени во употреба електрична централа и електрична мрежа во градот, во согласност со договорот за концесија од јули истата година.  

    Ѓорѓе Младеновиќ, бил претседател на Судот и Општинскиот комитет, односно на општината и градот Куманово, некаде од 1924 година до 20 август 1926 година. Тоа е периодот кога општината склучила договор за концесија со лесковачкиот индустријалец Живко Стојиљковиќ, за електрификација на градот Куманово.

    Ќира Маневиќ, бил апсолвент на Правниот факултет во Белград. Во три мандати бил градоначалник на Куманово, после донесувањето на шестојануарската диктатура, од 9. фебруари 1929 година до 28. март 1935 година, и вториот од 16. март 1936 до 14. декември истата година. Со решение на банот на Кралската бановинска управа, трет пат бил именуван на 20. ноември 1940 година, а останал на градоначалничката функција се’ до падот на Кралството Југославија, во април 1941 година. За време на неговите мандати биле изградени Занаетчискиот дом, Градската болница, зградата на Општината, Соколана, почнал да работи државниот Монопол и.т.н.

    Никола Стојковски, адвокат од Куманово, бил градоначалник на Куманово, во период од 14. фебруари 1936 до 22. декември 1937 година, кога поднел оставка од функцијата. Бил близок со левичарските партии, а управувал со градот кога во времето на парламентарните избори се појавиле претставници со крупен капитал, кога била интензивирана работата на електричната ќерамидница „Вардар“, и на автоматскиот млин „Жеглигово“. Кумановската гимназија работела како државна и виша самоуправа.

    Драгомир Вукадиновиќ, трговец и бакалин, бил градоначалник на Куманово од 22. октомври 1937 до 22. фебруари 1939 година. Тоа е време кога се одржале парламентарните избори 1938 година, и време на интензивна комунистичката активност во Куманово.

    Трајко Лопарски, трговец од Куманово, бил градоначалник на Куманово од 22. фебруари 1939 година до 20. ноември 1940 година. Бил респектибилен, богат и популарен човек. Сопственик на повеќе трговски и угостителски објекти, меѓу кои и кафеаната „Стара Бања“ во Проевце, каде имал голем имот. Еден е од првите основачи на млинот „Жеглигово“, а на парламентарните избори 1938 година бил заменик кандидат на листата на Југословенската радикална заедница.

    Инаку, Куманово  во тој период бил релативно мал и сиромашен град, без некои значајни економски објекти. Што се однесува за бројот на населението во градот во 1921 година живееле 13.372 жители. После дваесет години, 1941 година, според податоците од бугарската документација, во Куманово, заедно со Биљановце, Проевце и Доброшане живееле вкупно 21.110 жители, додека бројот на населението во Кумановскиот срез, во кое егзистирале единаесет села и една градска општина изнесувало 77.948 жители.   

    Пишува: Филип Ѓошевски