Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Проектот „Графит фест“ не доби финансиска поддршка од Општина Куманово, затоа што Здружението на ликовна уметност „Форма“ не достави комплетна документација на јавниот повик за финансирање на проекти од Програмата на културни манифестации за 2022 година, велат од Општина Куманово.
Оваа реакција уследи откако организаторите обелоденија дека оваа година останале без локална поддршка, иако фестивалот се организира по четврти пат, а проектот го поддржаа Министертсвото за култура, Центарот за култура и бизнисмени од градот и државата.
Од Секторот за култура, при Општина Куманово велат дека Зружението „Форма“ аплицирало со 6 проекти, при што пет им се одбиени поради некомплетна документација, а еден проект им е одобрен.
„Согласно распишаниот Јавен повик за прибирање на барања за користење на средства од Буџетот на Општина Куманово за 2022 година наменети за финансирање на Програма на културни манифестации на Општина Куманово за 2022 година, објавен на 10.02.2022 година, Здружението на ликовна уметност „Форма“ имаше поднесено вкупно 6 (шест) апликации, од кои 5 (пет) беа одбиени поради непотполна документација. Одбиени се проектите: Мурал- месец април ( 123.000 денари), Подарок за најмалите (205.000 денари), Мурал- месец март (125.000 денари) и Мурал Соколана- месец мај (125.000 денари). Одобрена е апликацијата за „Уметноста во спортот“ во вредност од 120.000 денари“, вели раководителот на Секторот за култура, Александар Крстевски.
Распределбата на средствата беше извршена од страна на Советот на Општина Куманово, а по претходно доставена предлог- одлука од страна на Градоначаникот и доставен Записник од страна на формираната Комисија за рагледување на барања за користење на средства од Буџетот на Општина Куманово за 2022 година, наменети за финансирање на Програмата на културни манифестации кои ќе се организираат и реализираат по објавен јавен повик. „Графити фест“ е иницијатива од градоначалникот Максим Димитровски, стои во соопштението.
Оваа година на фестивалот учествуваа 12 уметници од Словенија, Турција и од нашата земја, поточно од Скопје и Куманово. Се сликаа мурали во насeлбата "Гоце Делчев" и наиде на одличен прием кај граѓаните. Иако не дадоа пари за организација, со фестивалот се пофалија сите локални политичари.
Овие млади уметници се препознаени во земјата и странство по нивните автентични уметнички дела и графити. Тие изработија мурал на Блаже Коневски во Скопје, а беа творци и на муралот посветен на нашиот репрезентативен голман Столе Димитриевски. Во Куманово нивните мурали красат повеќе станбени блокови, училишта и јавни објекти.