Мени

Граѓани од Куманово и Скопје со поддршка за Вучиќ пред Српскиот конзулат

23.05.2026 15:20 | Сузана Николиќ

Неколку стотина граѓани од Куманово и Скопје денеска учествуваа на собирот за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се одржа пред Српскиот конзулат во Куманово.

 

Граѓани од Куманово и Скопје со поддршка за Вучиќ пред Српскиот конзулат

Собирот го организираше Здружението на Србите во Македонија „Мир, слога и стабилност“, од каде што посочија дека, покрај Србите, поддршка дале и Македонци кои ја следат и поддржуваат работата на Вучиќ.

„Ние од овој собир не испраќаме порака до Македонија, туку нашата поддршка е упатена кон Република Србија. Ова не е мешање во внатрешните работи на Македонија, туку само одраз на она што ние го чувствуваме. По националност сме Срби, но живееме и работиме тука, што значи дека во некои сегменти Македонија ја сакаме и повеќе од оние што се од македонска националност. Да не беше така, ние ќе си заминевме“, изјави претседателката Милена Величковиќ.

Таа додаде дека организацијата на собирот била извадена од контекст, како да се прави нешто лошо.

На собирот немаше официјални обраќања од организаторите, ниту од претставници на политички партии.

Собирот помина со развиорени српски и македонски знамиња, српска и македонска музика и транспаренти со пораки „Куманово и Скопје се со Вучиќ“.  Почна од Градскиот плоштад во 11 часот, по што граѓаните ќе се упатија кон Српскиот конзулат на булеварот „Трета МУБ“, каде што пристигнаа во 12 часот. Собирот траеше до 13 часот.

„Ние даваме поддршка на нашиот претседател Александар Вучиќ. Сакаме да има мир и просперитет не само во Србија, туку и во сите околни држави, вклучително и во Македонија. Симболично се собравме и ќе се прошетаме до нашиот конзулат. Нашите два народа се поврзани по многу основи, живееме заедно и треба да продолжиме така, обединети, чувајќи го православието“, вели Манце Ѓорѓевиќ, еден од учесниците.

Дел од граѓаните рекоа и дека поддршката на српскиот претседател ја даваат и затоа што тој покажал несебичност кон македонскиот народ во најтешките моменти, како што беше корона кризата кога дозволи нашите граѓани да се вакцинираа бесплатно во Србија, прифаќањето на повредените од пожарот во Кочани, испраќање на хелокоптери во времето на големите шумски пожари, како и во многу други ситуации се покажал како вистински сосед.

Настанот се одржа под силно полициско обезбедување и помина без инциденти.