Мени

Граѓаните да се вклучат во акцијата за чистење на Градските гробишта пред Богородица, повикуваат надлежните

14.08.2026 10:41 | Сузана Николиќ

Општина Куманово и ЈП „Чистота и зеленило“ ќе организираат акција за расчистување на Градските гробишта пред христијанскиот празник Голема Богородица, кој се одбележува на 28 август.

Граѓаните да се вклучат во акцијата за чистење на Градските гробишта пред Богородица, повикуваат надлежните

Во рамки на акцијата ќе се коси и чисти просторот околу гробните места и патеките. Надлежните апелираат до граѓаните да се вклучат и да ги исчистат парцелите кои се во нивна сопственост.

„Акцијата за чистење на гробиштата ќе се спроведе на 21, 22 и 23 август. Во оваа прилика ги повикувам сите граѓани кои се сопственици на парцели со семејни гробни места да се вклучат, бидејќи тоа е и нивна обврска. Станува збор за приватна сопственост и личен имот за кој тие мораат да се грижат“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски.

Тој најави дека сопствениците на парцелите ќе бидат известени и преку СМС-пораки за акцијата и времето во кое ќе се одвива.

Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, кажа дека ќе имаат поддршка и од другите јавни претпријатија, како и општествено одговорни компании, кои ќе помогнат во собирање и изнесување на отпадот.

„Сите капацитети на претпријатието ќе бидат ставени во функција на акцијата, со цел да се подобри хигиената на гробиштата. Се надевам дека ќе има голем одзив и од граѓаните, кои дополнително ќе бидат известени за времето на акцијата“, кажа Томиќ.

Пред христијанскиот празник Голема Богородица, граѓаните масовно ги посетуваат вечните почивалишта на своите најблиски, а многу често се жалат дека во летниот период гробиштата не се одржуваат редовно, поради што се обраснати во висока трева и паднати дрвја.