Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на населбата Карпош се жалат дека гробиштата каде почиваат нивните најблиски се запуштени и претворени во депонија, затоа што никој не ги одржува и чисти.
Тие велат дека после секој празник кога ги посетуваат повеќе граѓани, тие се претрпани со ѓубре кое стои со месеци.
„На гробиштата има неколку депонии, а целиот простор е многу валкан и запуштен. Летно време се е обраснато во трева и одиме со страв, а во зима кога ќе заврне не се влегува од кал. Не знаеме кој е надлежен да го реши овој проблем, но бараме општината да преземе нешто, бидејќи сме голема населба, ги плаќаме сите даноци и затоа бараме ист третман како во другите делови на градот“, вели Магдалена К., кој ни ги испрати фотографиите.
Дополнителен проблем е што на гробиштата нема ниту еден контејнер, туку неколку метални канти, кои немаат капацитет да го соберат сиот отпад. Нашата соговорничка вели дека неколкупати барала од општината да постават контејнери во гробиштата и отпадоците од храна да не ги разнесуваат маалските мачки и кучиња, но не наишла на разбирање од надлежните.
„Се правдаат дека контејнерите ги користеле околните продавници и фабриките, кои за кратко ги полнеле со индустриски отпад, па затоа го тргнале и тој што веќе го имаше“, вели жената.
Гробиштата во населбата Карпош се во сопственост на месната зедница, но повеќе од 7 години таа не функционира и нема раководство. Поради тоа жителите бараат со нив да стопанисува ЈП „Чистота и зеленило“, за да воспостави некаков ред. Досега поднеле седум барања до локалната власт, но не наишле на разбирање од надлежните.
„Покрај одржувањето на гробиштата има уште еден поголем проблем, а тоа е што нема простор за нови гробни места. Семејствата се приморани да ги погребуваат починатите на градските гробишта во Биљановце. Бараме општината да го реши овој проблем, да купи нова парцела, а потоа да ја продава. Да се воведе такса со симболичен надомест за секое семејство за одржување на гробиштата, да се ангажира едно лице постојано или повремено да ги одржува. Со тоа ќе се решат сите проблеми, а јавното претпријатие ќе има корист“, вели Сашо Стошевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ова прашање го актуелизираше на една од последните седници на Совето на Општина Куманово и бараше да се најде како точка на дневен ред, но не беше прифатено од тогашното мнозинство на СДСМ.
Од Општина Куманово велат дека преземањето на гробишатат за нив не би претставувал проблем доколку жителите се единствени да се отпочне таква постапка. Но, тие тврдат дека во моментот голем дел од населението не ги дава гробиштата.
„Кога бевме во изборната кампања кај нив, тие се испокараа, едни сакаат да плаќаат за одржување на гробиштата другите не сакаат ни да чујат. Кога ќе бидат единствени и ќе донесат потписи дека сите се согласни, ние ќе започнеме постапка за изработка на елаборат и ќе побараме Советот да ја донесе одлукатата. Дотогаш ќе мора самите да си чистат и да си одржуваат“, велат од Општина Куманово.
Во однос на проширувањето на гробиштата во Карпош велат дека е тоа условено со донесувањето на новиот Генерален урбанистички план(ГУП), кој е во изработка, па и за таа работа ќе треба да се почека уште најмалку две години.