Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Финансиската криза што ја “тресе“ Грција, не ги предомислува кумановци да ги откажат аранжманите за летување кај јужниот сосед.
Од туристичките агенции во градот потврдуваат дека се тече нормално и нема откажување на аранжмани. Објаснуваат дека Грција е ефтина и блиска дестинација, и затоа граѓаните одмараат секоја година на грчките плажи.
“Никој не се откажал, дури и повеќе има интерес. Граѓаните не се плашат, нема потреба од паника, се е нормално. Повеќе ќеш ќе си понесат со себе, а не се знае можеби и ќе се среди во меѓувреме состојбата со банките“ - вели Мери Миновска, сопственик на туристичка агенција “Мерион Травел“.
И од “Јоцо Турс“ го потврдуваат истото, дека интересот за летување во Грција не опаѓа поради се поизвесниот банкрот на земјата.
“Грција ни е најатрактивна дестинација. Кај нас се е нормално. Никој не се јавил да откаже аранжман. Мислам дека тие проблеми ги има во Атина, а во туристичките места се е нормално“ - велат од “Јоцо Турс“.
И од “Мар-Тео“ велат дека актуелната криза во Грција не претставува проблем, и во крајна линија, ретко кој од туристите ќе има потреба да вади пари од банкомат, туку ќе плаќаат или во кеш или со картичка. Сметаат дека грчката криза се преувеличува, но тоа не треба да се одрази на туризмот.
Од туристичка агенција “Деби Турс“ велат дека повеќето нивни клиенти решиле годинава да летуваат на краците во Грција, и засега нема паника или откажување на аранжмани.