×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Играорците од „Панче Пешев“ ја воодушевија велинградската публика

    11.07.2022 09:57 | Сузана Николиќ

    Културно - уметничкото друштво „Панче Пешев“ од Куманово учествуваше на 49-тите Денови на култура во Велинград, Република Бугарија. Играорците се претставија со кореографии на ората „Кумановски сплет“ и „Источна Македонија“, со кои ја воодушевија велинградската публика. 

    Играорците од „Панче Пешев“ ја воодушевија велинградската публика

    Претседателот на друштвото Мирослав Крстевски, вели дека е задоволен од приемот и смета дека достојно е претставена македонската култура и традиција кај нашите соседи. Тоа го покажаа аплаузот и овациите после секој настап, како и интересот на посетителите да дојдат да поразговараат и да се фотографираат со македонските гости.

    „Ние сме амбасадори на нашиот град и на земјата, градиме мостови на пријателство со сите народи. Македонскиот фолклор е препознатлив и многу прифатен во Бугарија. Ние сме чести гости на нивните фестивали и манифестации, и секогаш се враќаме со награди. Од 23 јули ќе учествуваме на фестивал во Велико Трново. Музиката и песната немаат граница, тие ги зближуваат луѓето и ние ќе продолжиме да ја промовираме и шириме таа позитивна енергија“, вели Крстевски.

    На гостувањето беа женската и машка играорна група и оркестрите на изворни и народни инструменти. Тие настапија две вечери во селото Драгиново и на Градскиот плоштад во Велинград. По завршувањето на концертите беше организиран прием од кметот на Драгиново, а беа врачени подароци и благодарници за учесниците.

    Домаќин на „Панче Пешев“ беше КУД „Методиј Драгинов“, кое постои од 1939 година и има долга традиција и успешна соработка со слични друштва од регионот, но не и од нашата земја. 

    „Ова е прва соработка со друштво од Македонија и воодушевени сме од нивниот настап. Ние го сакаме македонскиот фолклор, но досега не сме имале можност да го видиме одблиску. Ова е почеток на една убава соработка и пријателство кое ќе го градиме и негуваме и во наредниот период“, вели Милко Кепчелевски од друштвото „Методиј Драгинов“.

    Тој додава дека работата на културно-уметничките друштва во Бугарија ги финасира Министерството за култура, а тие имаат своја зграда во која се наоѓа етно соба, библиотека, сала за вежбање, административни простории, а тука функционираат и неколку школи за модерни танци, за да можат децата да го поминуваат слободното време.

    Деновите на култура во Велинград се одржуваат во текот на месец јули со цел да се анимираат граѓаните, но и гостите кои доаѓаат во текот на летото во ова туристичко гратче кое е богато со извори на минерална вода. 

    „Секоја вечер имаме разновидна програма за сите генерации од најмладите до најстарите. Фолклор, народна и популарна музика, рецитали, театарски претстави... Воодушевени сме од настапот на гостите од Куманово“, изјави Ирјана Гешева, раководителка на Секторот за култура во Општина Велинград.

    Меѓу публиката имаше и Македонци, кои беа најгласни подржувачи на нашите играорци.

    КУД „Панче Пешев“ постои 96 години и е најстаро друштво во државата и едно од најстарите на Балканот. 

    Негувањето на фолклорната традиција е едно од најзначајните вредности на еден народ, а КУД „Панче Пешев“ упорно и посветено работи на тоа поле и покрај сите предизвици со кои се соочува. Покрај промоција на македонскиот фолклор гради мостови на соработка со друштва од целиот регион, но и светот. 

    Од пред три години започна да го организира Меѓународниот фолклорен фестивал Куманово, кој  оваа година ќе се одржи од 19 до 22 јули на платото пред Центарот за култура. Во четири фестивалски вечери ќе настапат вкупно 11 ансамбли од земјава и странство. Својот фолклор пред кумановската публика ќе го претстават гостите од: Мексико, Грузија, Полска, Србија и Бугарија, како и друштва од Скопје и Кратово.