Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Колку повеќе младите луѓе се медиумски вклучени и едуцирани, толку е поголем нивниот граѓански и политички ангажман.
Активното учество на младите во јавниот живот, значи и почеста проверка на вистинитоста на информациите и поголема доверба во сопствените потенцијали да ги препознаат дезинформациите, се наведува во публикација „Поттикнување на граѓанскиот активизам на младите луѓе преку медиумско ангажирање“, каде се презентирани наодите од истражувањето што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го спроведе со испитаници на возраст од 18 до 29 години.
„Младите кои се граѓански и политички ангажирани почесто разговараат за важните општествени теми и се вклучени во волонтерски активности во семејната и училишната средина, имаат поголемо искуство со работата на локалната и централната власт, но и со граѓанските организации, а се и повеќе едуцирани и свесни за влијанието на медиумите и дезинформациите врз општествените текови. Оттука, политичките институции, училиштата, граѓанските организации, медиумите и семејството, имаат приоритет во поттикнување на младинскиот активизам, што пак е предизвик за оние кои работат на едукацијата, социјализацијата и креирањето на политиките за младите“, соопштува ИКС.
Во публикацијата пишува дека во семејствата на младите кои се помалку ангажирани, не се зборува често за општествено-политичките настани и тие не се насочуваат, ниту се притискаат да гласаат.
„Дискусиите и разговорите се поретки и во училиштата. Според младите, основното училиште нуди повеќе искуства за волонтирање и граѓански активизам, а средното училиште за политичка активност, но, тоа не е системски, па се остава на волјата на одредени наставници и професори во некои училишни средини, самоиницијативно да го поттикнуваат активизмот“, појаснуваат од ИКС.
Испитаниците ја потенцирале недостапноста и затвореноста на општините за барањата на младите, како и за тоа што се случува или се планира за нив. Речиси сите млади, се додава во соопштението, рекоа дека централната власт многу малку ги вклучува во креирањето на младинските политики и не придонесува за нивната граѓанска и политичка ангажираност.
„Медиумите, пак, се препознаени како блокирачи на активизмот заради преоптовареноста со политичко-партиски настани и несразмерното време и простор за други важни општествени теми, што би поттикнале некаква активност кај младите. Единствен светол пример се граѓанските организации за кои младите проценуваат дека успешно допираат до нив и го поттикнуваат нивното учество во јавниот живот“, се додава во соопштението.
Во публикацијата се препорачува медиумско ангажирање и описменување на младите за да бидат оспособени за критичко резонирање и борба против дезинформациите, со верба и сила да направат промени во општеството.
„Програмите за медиумска писменост мора да бидат постојано присутни и осовременувани, кои ќе вклучуваат и развивање на свесноста на младите за влијанието на социјалните медиуми и потенцијалните опасности од нивното прекумерно консумирање. Вложувањето во заедници и форуми во кои на безбеден и конструктивен начин ќе се разговара за општествено-политичките настани и медиумските содржини, треба да биде една од целите на образовните институции и граѓанските организации, за да се поттикне поголемо чувство на граѓанска должност и ангажман“.
Локалните младински совети, директното вклучување во процесите на донесување одлуки и одржувањето редовна комуникација преку училиштата и социјалните медиуми, се идентификувани од младите како ефективни стратегии со што централните и локалните институции ќе можат да ги ангажираат.
„Разновидноста во медиумското известување што одговара на различните вредности и преференции на младите, практикувањето на конструктивно новинарство кое се фокусира на решенија, наместо само на проблемите, како и балансираниот микс на негативни информации и позитивни приказни ќе придонесе кон подобрување на самодовербата и желбата на младите да учествуваат во граѓански и политички активности“.
Раното вклучување во јавниот живот преку и со поддршка од семејството, како што се волонтирањето и излегувањето на избори, се посочува во соопштението од ИКС, исто така ќе има ефект врз граѓанскиот и политичкиот ангажман на младите.
ИКС го реализираше истражувањето за следење на вести, препознавање на дезинформации и граѓански ангажман кај младите луѓе на контролиран примерок од 345 испитаници на возраст од 18 до 29 години со различни демографски и социоекономски карактеристики (средношколци, студенти, невработени и вработени), спроведувајќи теренска анкета и три фокус-групи во периодот од декември 2023 до март 2024 година.