Инспекторатот за локална самоуправа ја запре постапката за задолжување на Општина Куманово од 1.6 милиони евра затоа што е незаконска, велат од СДСМ
Одлуката на Советот Општина Куманово да земе кредит од 1.6 милиони евра кај комецијалните банки не е донесена согласно законската процедура, утврдил Државниот инспекторат за локална самоуправа, откако советниците на СДСМ поднесоа преставка за испитување на законитоста.
Советничката група на коалицијата СДСМ, како што веќе најави, побара од Државниот инспекторат за локална самоуправа и до Државниот управен инспекторат, да испитаат дали пред донесување на одлуката за долгорочно задолжување била спроведена јавна расправа за проектот и за условите за негово финансирање, кои се предвидени согласно член 20 став 2 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.
„По извршениот вонреден инспекциски надзор Инспекторатот за локална самоуправа утврдил неправилности во работење на органот за надзор т.е Советот на Општина Куманово, односно дека донесениот пропис не е во согласност со член 20 од Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа и поради оваа неусогласеност инспекторатот ќе изготви решение за запирање на примена на прописот“, изјави на прес конференција координаторот на советничката група на коалицијата, Томица Илиќ.
Според него во понатамошната постапка Инспекторатот ќе достави иницијатива до Уставниот суд, кој треба да ја утврди усогласеноста на одлуката со законите. Илиќ очекува врз основа на известувањето ќе се потврди она што тие го барале од мнозинството, одлуката и да се спроведе законски.
„Владејачкото мнозинство немаше слух за незаконитоста во постапката, па затоа сега се отвара прашањето дали свесно работеа против законски заради некои други цели, бидејќи сумата од 100 милиони денари и начинот на кој ги одбија сите наши укажувања отвараат сериозен сомнеж во намерите на мнозинството“, кажа Илиќ.
Тој најави дека опозицијата ќе бара одговорност и дека ќе поднесат пријави.
„Како советници бараме одговорност, морална, политичка и на крај ќе побараме и законска, кривична и прекршочна, директно од претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, бидејќи дозволи предлог - одлука која не е во согласност со законот да се најде на дневен ред на седница, и од градоначалникот кој ја оценува законитоста на донесените прописи, од член 51 од Законот за Локална самоуправа, а сепак
го потпишал прописот и како таков е објавен во Службен гласник. Како избрани претставници на граѓаните ние советниците од СДСМ и коалицијата ќе продолжиме да се бориме за минимум достојно и пред се законско работење на Советот на Општина Куманово“, кажа Илиќ.
Мнозинството во Советот на Општина Куманово на 4 јули, годинава, изгласа Општина Куманово да почне постапка за задолжување кај комерцијални банки во износ од 100 милиони денари за купување камиони за ЈП „Чистота и зеленило“ и поставување фотоволтаични системи за ЈП „Водовод“.
Предлог-одлуката ја поддржаа советници од ЗНАМ, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, која беше усвоена со 16 гласа „за“, пет „против“ и еден „воздржан“.
