Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Доцна попладне советниците го изгласаа буџетот на Општината Куманово за 2013 година, кој изнесува 28 милиони евра. Буџетот беше усвоен откако беа отфрлени како технички неисправни поднесените 548 амандмани на опозицијата.
Според изготвувачите на буџетот најголем дел од сретствата во новиот буџет ќе се потрошат за капитални инвестиции и 440 милиони денари за развојните програми.
Планот на штедење е применет во однос на претходните години или 0,7 отсто во однос на лани планираниот буџет. Сумите за патни и дневни трошоци се намалени. Лани тие изнесувале 8,5 милиони денари, а сега се 6,5 милиони денари. На платите нема покачување, освен оние 5 отсто кои ги вети Владата и на крај на 2013 ќе излезе во Службен весник, по што ќе ги добијат административците. Сумите за договорни услуги се намалени во оснос на претходните години, а локалната самоуправа не е задолжена со кредити.- вели Ирена Илиевска, раководител на сектор за финансиски прашања во Општина Куманово.
Советниците од ВМРО - ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија не гласаа за буџетот, бидејќи сметаат дека е предизборен, а не беа прифатени ни нивни амандмани.
Амандманите ги поднесовме во толкав број за да покажеме дека нашите укажувања од минатите години не вродија со плод. Сите предходни буџети беа неарационални, преоптоварени и затоа немаше реализација во доволен процент, туку само во 75 проценти. Ние како советничка група поднесовме толку амандмани со кои ќе укажеме точно на кои ставки треба да се одвојат сретства, за да овој буџет го направиме реален. Сметаме дека буџетот на градоначалникот е предизборен и неостварлив-вели Бобан Николовски, координатор на советничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Советникот Бране Петрушевски смета дека некој не може да го суспендира правото на советникот да поднесува амандмани.
Ако имало техничка грешка, тоа може да се исправи. Дел од амандманите се за приходна, дел се за расходна страна, меѓутоа балансот е задржан - изјави советникот од ВМРО - ДПМНЕ, Петрушевски.
Oд ВМРО - ДПМНЕ најавија декa ќе поднесат преставка до Министерството за локална самоуправа, бидејќи сметаат дека нивните права се повредени.
Независниот советник Зоран Петрушевски праша што ќе се случи со долгот кој општината го има кон приватно лице за експропријација на нива, и дали тие 1,5 милиони евра се планирани во буџетот за 2013 година.
Илиевска одговори дека има ставка за плаќање на судски решенија, а Општината ги искористила сите правни механизми и се чека разврска на спорот. Таа објасни дека доколку дојде до наплата, посебна ставка не е потребна во буџетот бидејќи Министерството за финансиси ќе ги наплати парите од било која ставка.
На седницата беа разгледувани поединечни ставки при што е констатирано дека трансферите за граѓанските здруженија се зголемени, предвидени се пари за социјалните бенефиции, ќе се вложи во опрема за следење, адаптација на просторијата и пренос на седниците на Совет, ќе се набават нови лап топ компјутери за советниците.