×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Изградба на водоводна и канализациска мрежа насушна потреба на Љубодраг, Ново Село и Умин Дол

    07.10.2024 12:27 | KumanovoNews

    Немањето на водоводна и канализациска мрежа се најголемите проблеми за жителите на селата Љубодраг, Ново Село и Умин Дол.

    Изградба на водоводна и канализациска мрежа насушна потреба на Љубодраг, Ново Село и Умин Дол

     Околу 1.500 жители на трите села, кои живеат на помалку од 10 километри до Куманово, ги немаат основните услови за урбано живеење. За секојдневните потреби со вода се снабдуваат од бунари, а отпадната водата ја собираат во септички јами. Поради тоа многу често водата за пиење е неисправна, а се загадува и почвата, која е извор на егзистенција на овој земјоделски крај.

    На раководствата на месните заедница и жителите со години наназад, пред секои избори политичките партии им ветуваат дека ќе се реши нивниот проблем. И со Секторот за комунални работи и градоначалникот разговарале во повеќе наврати и добиле ветувања, но засега без резултати.

    „Во 2018 година на советничко прашање градоначалникот Максим Димитриевски кажа дека е подготвена проектна документација во вредност од 50 илјади евра, ја изработила фирма од Прилеп. Во 2021 повторно на седница на Совет одговори дека нема таков проект. Не знаеме што е точно. Доколку има воља да се реши проблемот, многу е лесно, сега преку фондови за рурален развој, претпристапни фондови на ЕУ преку министерствата за животна средина, земјоделие, транспорт и врски има можности за финансирање и не би било на товар на Општината. И не се работи за голема сума на пари. Ама, никој не не гледа“, вели Саша Арсиќ, претседател на месната заедница Ново Село и поранешен советник во Советот на Општина Куманово.

    Во селото Љубодраг месното населени има изградено селски водовод ама водата не ја користат за пиење, бидејќи бунарите се загадени од подземните води. Тие до градоначалникот и општинската администрација во неколку наврати доставиле барање за решавање на проблемот, но одговорот бил дека нема доволно пари.

    „Имаме изградено мрежа и користевме вода од бунари преку селскиот водовод. Но водата е загадена од пропуштањето на септичките јами, па моментално се користи само како техничка, и тоа она од системот за наводнување на Водостопанство. Со години купуваме вода за пиење, а толку е едноставно, треба само да не приклучат на мрежата на Водовод, имаме инсталирано и мерни саати, веднаш ќе можат да започнат со наплата“, објаснува Бобан Лазиќ, претседател на месната заедница. 

    Претседателот на месната заедница Умин Дол, Милорад Тасиќ, вели дека изградбата на канализациона мрежа ќе го реши и проблемот со водоснабдувањето, бидејќи водата од бунарите и бушотините ќе биде чиста за употреба.

    „Вака користиме бактериолошки неисправна вода, за пиење купуваме или носиме туби со вода од градскиот водовод. Особено е тешко кога ќе падне дожд, ја заматува водата и со денови чекаме да се избистри. Имаме и здравствени проблеми, цревни заболувања, токму поради неисправната вода. Политичарите доаѓаат само пред избори и после 4 години никаде ги нема. Димитриевски пред избори вети дека ќе го почне проектот, прати некои луѓе, нешто мереа, поставија две колчиња и повеќе не се вратија“, вели Тасиќ. 

    Тој додава дека проблем на овој дел од општината е што немаат автобус кон Скопје, додека при реконструкција на стариот пат отстранети се лежечките полицајци од пред училиштето и на влезот на селото Умин Дол, па бараат да се вратата, затоа што им е загрозена безбедноста.

    Претставниците на трите месни заедници велат дека во последните 20 години никој од надлежните од општинската администрација не направил средба со мештаните, ниту, пак, е направена листа на приоритети, анкета и консултација кога се прави програмата за нови проекти и се планира буџетот на Општина Куманово. Во селата доаѓаат само претставници на политички партии кои држат состаноци со членството во партиските штабови, ама таму немаат пристап сите граѓани.

    Последен пат јавни расправи биле спроведувани во 2003, 2004 и 2005 година кога градоначалник бил Слободан Ковачевски, тогаш го презентирале буџетот пред жителите и биле сослушани нивните забелешки и предлози. На нивна иницијатива била обновена електричната мрежа, било реновирано училиштето и спроведени се уште неколку проекти.

    „По мое мислење секоја година треба да се прифати по еден проект од секоја месна заедница, секако сразмерно на потребите на жителите и можностите на Општината. Сега не може да се вложуваат милионски суми во села со мал број на жители, ама ќе се направат проценки“, констатира Арсиќ.

     Изминатите години во селата единствено што било направено е асфалтирање на повеќе улици, кои поради тенкиот асфалт се оштетни или ги однела водата.