Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Уметничката галерија во Куманово во среда, 21 август со почеток во 20:00 часот ќе биде отворена ретроспективно-монографска изложба на Љубица Андреевска -Љупка од Кавадарци. На изложбата ќе бидат прикажани 51 уметнички дела на авторката.
Наивата, како посебен дел од уметноста е правецот во кој твори Андреевска.
„Андреевска, која е автентична во својот израз преку робусни фигури ги претставува во еден бестежински простор, давајќи значение на колоритот на бојата, претставувајќи сцени од секојдневниот живот на село. Наивата е доказ дека секој има право да се изразува уметнички и дека уметничките школи сами по себе не се гаранција за уметничка вредност, бидејќи уметноста може да се остварува и без нив“, изјави Валентина Андреиќ, виш кустос историчар на уметноста при НУ Музеј – Куманово.
Љубица Андреевска- Љупка е родена 1934 година, а со наивното сликарство започнала да се занимава во 1970 година. Пред кумановската публика порано е претставена на групна изложба во 2021 година, заедно со триесетина познати македонски уметници. Андреевска е меѓународно препознатлива со остварени повеќе самостојни и групни изложби и добиени признанија.