Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во изложбениот салон на Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ утревечер во 19.30 часот ќе биде отворена 5 - тата самостојна изложба на ликовниот уметник Јовица Ивановски.
Изложбата е насловена “ Нова форма - премин “ и со неа Ивановски го одбележува 20 - годишниот период од своето уметничко творење.
Циклусот “Нова форма - премин“ содржи 25 слики, фигурата потполно се губи и сè се сведува на разни знаци, објекти, асоцијативни симболи, полихромни партии во кои одредена колористичка гама ја има носечката улога (окерот и кафеавата гама се од постариот период, додека сината е од поновиот период) и сето тоа со нагласен акцент кон потполна апстракција. Темните тонови на колоритот, коишто беа карактеристика на постарите слики, се модифицираат во посветли одејќи кон ефектот колористичката експресија да биде посилно изразена, а со тоа и делото да добие на атрактивност и впечатливост- вели Роберт Цветковски, историчар на уметноста.
Ивановски е роден во 1962 година во Куманово. Работи како самостоен ликовен уметник и досега има направено неколку самостојни и групни изложби од локален и меѓународен карактер. Учествувал на повеќе меѓународни ликовни колонии меѓу кои “Лесново“ - Пробиштип 2003 година, “Македонска Икона“ - Куманово 2008 година, “Карпино“ - Куманово 2012 година. Авторот живее и работи во Куманово.