Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Јавната расправа на која граѓаните ќе го можат да го кажат своето мислење за одлуката на Општина Куманово, за задолжување кај Светската банка за обнова и развој, заради купување на механизација за јавните претпријатија, ќе се одржи во четврток на (24 септември) во големата сала во зградата на Комитет.
Општина Куманово вчера го објави повикот за усна јавна расправа по Нацрт – Одлука за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово во рамки на Вториот проект за подобрување на општинските услуги (MSIP2).
„Се повикуваат сите заинтерeсирани граѓани и други заинтересирани субјекти, како и претставниците на јавните претпријатија во Општина Куманово да се вклучат во јавната расправа со свои ставови и мислења за Нацрт – одлука за долгорочно домашно задолжување на општина Куманово во рамки на вториот проект за подобрување на општинските услуги (MSIP2). Усната јавна расправа ќе се оддржи на ден 24 септември 2020 година со почеток во 10.00 часот во големата сала во Комитет- Куманово. Капацитетот на посетителите е ограничен согласно просторните услови, како и протоколите и мерките за спречување на внесување и ширење на коронавирусот ковид-19“, стои во повикот.
Јавната расправа се закажа по барање на опозиција, откако на минатата седница оваа точка се најде на дневен ред, а советниците посочија дека доколку предлогот се прифати тој ќе падне на суд затоа што се носи незаконски. Согласно законот Советот го одобрува задолжување на Општината по предходно оддржана јавна расправа, на која се опишува проектот и се објаснуваат условите за негово финасирање, а граѓаните и стручната јавност се изјаснуваат за неговата издржаност.
Општина Куманово планира да подигне кредит во висина од 63.754.712 денари или 1 милион евра, со каматна стапка од 1 отсто, враќањето е 13 години, со грејс период од 3 години. Средствата ќе се искористат за набавка на: градежни машини, опрема и камиони за изнесување и депонирање на смет, опрема и камиони за зимско оддржување на сообраќајниците и специјално возило-пајак, за јавните претпријатија „Водовод“, „Чистота и Зеленило“, „Куманово-гас“ и „Куманово-паркинг“.