×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Јавните претпријатија бараат помош од Владата за да не ги покачат цените на услугите, ѓубрарината во Куманово веќе зголемена за 50 oтсто

    18.07.2022 18:27 | Сузана Николиќ

    Јавните комунални претпријатија од земјава бараат Владата да им помогне во справувањето со последиците од економската криза која се чувствува и во нивното работење, во спротивно се закануваат дека ќе мора да ги покачат цените на услугите што ги нудат.

    Јавните претпријатија бараат помош од Владата за да не ги покачат цените на услугите, ѓубрарината во Куманово веќе зголемена за 50 oтсто

    „Тоа не е наша цел затоа што товарот ќе падне врз граѓаните. Владата да ја покрие разликата за да се избегне банкрот или прекинување на давање на услугите. Треба да се има предвид дека станува збор за суштествени прашања како што се вода за пиење и собирање ѓубре. Не сакаме да се доведеме во ситуација на уште еден ценовен удар, а тоа се повисоки сметки за граѓаните на што ќе бидеме приморани ако нема слух од Владата“, рече Пеце Милевски, претседател на Здружението на даватели на комунални услуги (АДКОМ), кое обединува 90 претпријатија даватели на комунални и водоводни услуги.

    Тој повика Владата да им излезе во пресрет и да обезбеди финансиска помош преку блок дотации за покривање на дел од загубите, односно да ја покрие разликата меѓу планираните и фактички настанатите трошоци за електрична енергија. 

    И додека менаџерите на јавните комунални претпријатија од другите градови бараат начин да ги заштитат граѓаните од ценовните шокови, локалната власт во Куманово веќе донесе одлука да се плаќаат повисоки сметки за ѓубре. Советот на Општината минатата недела го прифати барањето на ЈП „Чистота и зеленило“, цените на услугите за собирање и транспортирање на комунален отпад за правните и физички лица да се зголеми за 25 и 50 отсто.

    Најголемо зголемување за дури 50 отсто ќе има за домаќинствата во градското подрачје, кои наместо 3 денари ќе плаќаат 4,5 денари и на приградските населби од 2 на 3 денари, а правните субјекти од 10 на 12,5 денари за метар квадратен.

    Предлогот за зголемување на цените за собирање на сметот го поднесе „Чистота и зеленило“, со образложение дека се зголемени цените на струјата, нафтата, како и минималната плата.

    „На 80 проценти од вработените во претпријатието коишто се општи работници им е зголемена минималната плата за околу 25 отсто. Цената на нафтата е зголемена за 30 отсто, а таа е главен енергенс во нашето работење. Ако на месечно ниво сме плаќале од 700-800 илјади денари нафта, сега плаќаме 1,5 милиони денари. Сметките за електрична енергија од 200-300 илјади денари достигнаа до 700 илјади денари. И останатите трошоци што ги имаме како резервни делови, гуми, канцелариски матерјал и друго се дуплирани. Затоа за да имаме рентабилно работење и нормално функционирање на претпријатието, приморани сме да направиме корекција на цената“, го правдаше предлогот директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски пред советниците.

    Од опозицијата предводена од СДСМ и ДУИ беа против овој предлог бидејќи сметаат ќе се создадат дополнителни трошоци на граѓаните, а нема да се добие подобра и поквалитетна услуга.

    Граѓаните се жалат дека зголемувањето на цената доаѓа во време на голема економска криза и кога семејниот буџет е сè помал. Тие бараат од Општината да го субвенционира зголемувањето на трошоците во претпријатијата, а таа да најде начин преку државата или преку проекти да си обезбеди пари, а не по навика поскапувањето секогаш да падне само на грбот на граѓаните.

    Истовремено сметаат дека претпријатието треба да се потруди да го зголеми нивото на хигиена во градот, одржувањето на зелените површини и динамиката на изнесување на смет од домаќинствата.

    На истата седница беше донесена одлука за зголемување на бодот на платите на вработените во ЈП „Чистота и зеленило“.

    Подршка за зголемување на цените на ѓубрето и зголемување на платите на вработените даде мнозинството во Советот на Општина Куманово, предводено од коалцијата на градоначалникот Димитриевски „За наше Куманово, ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата на Албанците и Алтернатива и Беса.