×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Jавните претпријатија бараат субвенции од државата за да ја преживеат енергетската криза

    21.01.2022 09:00 | Сузана Николиќ

    Јавните претпријатија од Куманово бараат централната власт да им помогне во справувањето со енергетската криза и по примерот со топлинската енергија на Скопје да ја субвенционира разликата во цената на природниот гас и електричната енергија, за да можат нормално да функционираат и да ги извршуваат услугите кон граѓаните. 

    Jавните претпријатија бараат субвенции од државата за да ја преживеат енергетската криза

    Директорите на „Водовод“, „Чистота и зеленило“ и „Куманово-гас“, на вчерашната седница на Советот се пожалија дека огромните сметки за струја и гас ќе им ги потрошат годишните буџети за неколку месеци, поради што ќе се доведе во прашање нормалното работење на претпријатијата. 

    В.Д. директорот на ЈП „Водовод“ Оливер Стојманoвски, вели дека цената на струјата што тие ја набавуваат е зголемена за 350 отсто, па доколку не добијат државна помош ќе се соочат со проблеми при водоснабдувањето на градот. Наместо 20-30 илјади евра колку што досега плаќале за струја, новите сметки изнесуваат 140 илјади евра. 

    „Ако продолжи ваквата состојба ние од годишната програма нема ништо да реализираме. Цената на струјата е зголемена за 350 отсто и тоа нема да биде проблем само во Куманово, туку во цела Македонија. Ние  преку АДКОМ и ЗЕЛС поднесовме иницијатива да се прогласи криза во водоснабдувањето на територија на цела држава и ако може државата да ги покрие трошоците за електрична енергија кои од јануари ќе бидат енормно зголемени. На нас во септември сметката за електрична енергија ни беше 1 милион, во ноември 2,2 милион денари, а во јануари 8,6 милиони денари“, вели Стојмановски.  

    Поради високите сметки за струја и гас ЈП „Чистота и зеленило“ веќе стави клуч на затворениот базен. Неговото работење од петнаесетина илјади евра месечно, сега достигна 50 илјади евра. Претпријатието за 2022 година има предвидело 2,2 милиони денари за гас, а веќе во првиот месец сметката е повеќе од 1,3 милион, што значи дека тие средства ќе се потрошат за 2 месеци, а потоа ќе треба да префрлат пари од другите ставки.

    „Ние преку АТКОМ веќе поднесовме иницијатива за истата одлука како за Град Скопје, да се субвенционира од страна на државата разликата во цената на енергенсите за овие 2-3 месеци, додека трае грејната сезона. Мислам дека треба да се прифати и во таа програма да влезат и јавните претпријатија од Куманово“, изјави в.д. директорот Даниел Стојчевски. 

    ЈП „Куманово-гас“, пак, покрај проблемот со зголемената цена на гасот и намалениот број на потрошувачи, мора да обезбеди и гаранција од 9 милиони денари ако сака да купува гас од снабдувачот. 

    „Пред Нова година добивме известување дека цената на гасот од 25 ќе биде зголемена на 75 денари. Ние ги информиравме нашите потрошувачи, и добар дела од нив веќе не го користат природниот ресурс, поради зголемената цена за повеќе од 200 проценти. Со самото тоа добиваме и помалку средства, а гасот према снабдувачот го плаќаме авансно. Од „Пром-гас“ добивме допис во кој бараат зголемување на депозитот од 2,6 на 9 милиони денари“, изјави в.д. директорот Марко Митровски.

    Советот вчера донесе одлука за зголемување на основната главнина за 12 милиони денари на „Куманово – гас“ за изградба на инфраструктурни објекти, но средствата ќе се користат за надминување на енергетската криза.

    Покрај институциите, големи проблеми поради енергетската криза имаат и граѓаните, кои се грејат на гас и на струја, па и тие очекуваат Владата да донесе мерки со кои ќе ја субвенционира разликата во цената на овие енергенси, како што тоа го стори со греењето во Скопје.