Мени

Кај девет пациенти биле извршени непотребни интервенции на срце, покажал извештајот на странските експерти

14.05.2026 14:18 | KumanovoNews

Кај 9 пациенти не се оправдани кардиохируршките и кардиолошките интервенции во јавните и приватните здравствени установи по кое било ниво, утврдила меѓународната независна комисија откако лани кардиологот д-р Сашко Кадев обвини за непотребни операции во приватното здравство.

Кај девет пациенти биле извршени непотребни интервенции на срце, покажал извештајот на странските експерти

Министерот за здравство, Азир Алиу, на денешната прес-конференција информираше дека наодите од странската експертска комисија за непотребни кардиохируршки интервенции  во значаен дел се поклопуваат со наодите на домашната интерна комисија. 

Од вкупно анализираните 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени или непотребно упатени за операција, странската комисија кај четворица пациенти констатираше дека, обезбедениот третман, во целина, бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса.“ 

„Кај останатите 9 пациенти, според странските експерти: „Документацијата укажува на сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација - на пример, несогласување меѓу ангиографските наоди од коронарографијата и писмениот извештај - по што следувала несоодветна индикација за процедури, било ендоваскуларни или хируршки“. Во однос на овие случаи, комисијата оценува дека, одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваниот професионален стандард и можеби неповолно влијаеле врз клиничкиот исход“, кажа министерот Алиу.

Министерството почнало процес на ревидирање на протоколите за постапување при кардиолошки и кардиохируршки интервенции. Ова е суштински важно за натамошно унапредување на здравствената заштита на граѓаните, особено во делот на јасни медицински индикации, стручна проценка и следење на патеката на пациентот.

Паралелно со тоа, формиран е национален харт-тим составен од девет члена - кардиолози и кардиохирурзи, а ќе се пристапи и кон формирање национална листа за кардиохируршки операции, со цел поголема транспарентност, контрола и сигурност за пациентите.

 „Анализираните случаи се однесуваат на интервенции и постапки реализирани во здравствените установи во јавните и во приватните здравствени установи: Клиника за кардиологија, Клиника за кардиохирургија, Клиничка болница Штип, Градска општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’, ПЗУ Кардио Ар Штип, Клиничка болница ‘Жан Митрев’ и Клиничка болница ‘Аџибадем Систина’. Овие наоди се сериозни и не смеат да се релативизираат, но исто така тие не смеат да се користат за генерализација или за нарушување на угледот на целата лекарска професија или за стигматизација на установите. Огромен број на лекари во нашата држава работат чесно, работат стручно и работат посветено. Токму затоа, системот мора да ги заштити и пациентите и професионалниот интегритет на лекарите во нашата држава“, рече Алиу.

Извештаите од интерната и странската комисија ќе бидат доставени до Владата, до Јавното обвинителство, до Лекарската комора, до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Фондот за здравствено осигурување и Државната комисија за спречување на корупција.