Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Просториите на поранешниот Дом на пионери да се искористат за отворање на кино и за проширување на Градската библиотека планира локалната власт, доколку Владата го отстапи објектот на користење на Општина Куманово.
Идеи за искористување на овој простор има многу, но дали ќе се реализираат и каква ќе биде судбината на овој атрактивен објект во центарот на градот, зависи одлуката на надлежните централни власти.
„Ние имаме потреба од овој објект и подготвени сме да обезбедиме средства за негова реконструкција. Таму постојат идеални услови да се отвори кино. Една од идеите е и проширување на Градската библиотека, отворање на читална и на други придружни содржини кои ги имало и порано, бидејќи зградата се наоѓа покрај најголемите училишта во градот“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
Општина Куманово пред три месеци поднесе Предлог - одлука за престанок на правото за трајно користење на Министерството за труд и социјална политика врз Пионерскиот дом и побара преотстапување во владеење на локалната самоуправа, но одговор се` уште нема.
„Предметот е во владина процедура и истиот сѐ уште не е разгледан. По разгледувањето, јавноста навремено ќе биде известена“, стои во одговорот на Владата на прашањата на Кумановоњуз до каде постапката и кога може да се очекува разврската.
Откако престана со работа поранешниот Дом на пионери беше даден на Министерството за труд и социјална политика, па во 2018 година приземјето на зградата беше преадаптирано за детска градинка. Иако тогаш беше најавено дека ќе се реконстуира целиот објект, тоа никогаш не се случи. Напротив, зградата остана незаштитена и стана мета на крадци, се откорна и се однесе се што можеше, па останаа само голи ѕидови.
Некогашното омилено катче за детско творештво денес е руина преполна со смет и шут, дувло на бездомници и корисници на наркотични средства, и претставува голема закана за безбедноста и здравјето на луѓето.
Состојбата во којашто се најде Пионерскиот дом е директна последица на неодговорното и недомаќинско однесување на надлежните државни институции. Општина Куманово уште пред десетина години прво го бараше објектот од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, па подоца и до властите на СДСМ, но и во двата обиди извиси. Наместо во интерес на граѓаните делови од објектот се издаваа на приватни фирми, телевизии и угостителски објект, по што практично започна неговото пропаѓање и уништување пред очите на целата кумановска јавност.