Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пионерскиот дом, кој се наоѓа во центарот на Куманово, од омилено катче за детско творештво денес е претворен во руина преполна со смет и шут, дувло на сомнителни лица и безбедносна и здравствена закана за околината.
Секојдневната опасност од несакани последици е огромна затоа што се наоѓа во непосредна близина на две основни училишта, едно средно и две градинки од кои едната е сместена во истиот објект каде се наоѓа Пионерскиот дом.
Состојбата во којашто денеска се наоѓа Пионерскиот дом е директна последица на неодговорното и недомаќинско однесување на надлежните, како и политичките препукувања и терање инает со години наназад на луѓето кои се задолжени да се грижат за јавното добро и да го водат градот и државата.
Решение за санација на објектот се бара со години, но реконструкцијата е заглавена во правниот лавиринт на Владата и надлежните министерства. Иако Општина Куманово на крајот на јануари година поднесе Предлог-одлука за престанок на правото за трајно користење на Министерството за труд и социјална политика врз Пионерскиот дом и преотстапување во владеење на локалната
самоуправа, се уште се чека изјаснување и давање мислење од разни министерства, така што конечната одлука се уште е неизвесна.
„Обектот по намена запишана во Агенцијата за катастар на недвижнини е од секторот образование, кој е во надлежност на општината. Целта на поднесеното брање е токму тоа - реконструкција на објектот и ставање во функција за образование на децата“, велат кратко од Општина Куманово во однос на барањето за преотстапување на овој објект.
Со судбината на Пионеркиот дом е запознаен и премиерот Димитар Ковачевски, кој пред неколку месеци најави дека мора да се изнајде решение за овој вид обекти кои пропаѓаат.
„Јас на оваа тема разговарав со министрите за образование и за култура. Во времето кога овие објекти пропаднаа на ниво на цела држава беа донесени несреќни одлуки од страна на тогашните влади и тие беа оставени на милост и немилост на никого. Практично, оставени се без соодветен сопственик и единствен начин е Владата да осмисли концепт, не само за овој објект, туку и за останатите, со цел да бидат доделени на сопственици односно на управители кои ќе управуваат на најдобар начин со нив. Заложбата е да станат место какво што биле, како што биле планирани и наменети уште кога биле направени“, изјави тогаш премиерот Ковачевски.
Дел од Пионерскиот дом во 2018 година беше даден на користење на Министертсвото за труд и социјална политика, и од тогашната министерка Мила Царовска беше искористен за отворање на градинка. Иако, тогаш беше најавено дека ќе се реконстуира целиот објект за истата намена, тоа никогаш не се случи. Напротив, зградата стана мета на крадци и се однесе се што можеше да се извади и да се уништи.
Кумановци паметат како функционираше и што претставуваше Центарот за детско творештво „29-ти Ноември“,што беше официјален назив во минатото за Пионерскиот дом.
„Децата таму ми одеа на разни секции-ликовна, англиски и беше многу убаво. Не само што е во соседство, туку и беше средено, чисто, секогаш топло.Таму израснаа, а сега страв ми е да поминам со внучињата, слушам од соседите дека навечер се собираат сомнителни лица. За сега среќа што е постудено, инаку смрдеата е неснослива во летните денови“, вели Сузана, пензионерка која живее во непосредна близина на домот.
Некои други минувачи изразија загриженост и резигниорано изјавија дека не очекуваат нешто да се смени во догледно време.
„Се немаат пари, и овие од градот, и оние од Владата. Срам за градот, центар е, деца поминуваат, а отспротива има места каде се приготвува и продава храна. Некоја зараза ќе избие, тогаш ќе биде доцна“, револтирано вели Василка која секојдневно поминува покрај Пионерскиот дом.
Додека се очекува изјаснување и донесување на одлука од страна на Владата, локалната власт е на чекање. Забот на времето, пак, секојдневно дополнително го „разјадува“ Пионерскиот дом, а за влошување на состојбата придонесуваат и несовесните граѓани на Куманово.