Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Традиционалното китење на елката во кумановскиот регион и пошироко за првпат се среќава кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, кога се забележува и во јужните делови на Балканскиот полуостров.
На почетокот, елката се китела со бонбони, овошје и свеќи, кои ја збогатувале празничната атмосфера за дочекот на Новата година и Божиќните празници. Подоцна се појавиле лампионите и другите украси, при што најдоминантни биле оние со црвена боја како симбол на просперитет и радост.
„Традицијата на китење новогодишна елка потекнува од 16-тиот век, а германскиот народ е најзаслужен за појавата и практикувањето на обичајот. Кај нас овој тренд се проширил кон средината на 19-тиот век, а зема замав со формирање на градските јадра кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век. На оваа традиција најмногу се радуваат децата, но и постарите уживаат во китењето. Тоа е обред кога се собираат семјеството и пријателите и сите, без разлика на годините, се радуваат на подароците под елката“, објаснува м-р Анита Стојчевски, советник етнолог во Музеј Куманово.
Со почетокот на индустријализацијата и отворањето кон Европа, кај нас стигнале најпрвин украсите направени од стакло, додека денес има најразлични новогодишни декорации од природни и вештачки материјали, украсени со светки, монистри, шари, пердуви, во најразлични бои.
Прославувањето на новогодишните празници е проткаено со многу обичаи кои водат потекло од предхристијанскиот период. Постарите генерации ги одбележувале со традиционални елементи од минатото, додека помладите внесуваат промени во начинот на прославување со елементи на градска кујна, закитена елка, прослави за новогодишната ноќ, Бадник и Божиќ.
Постои извесно колебање кога започнува новогодишниот циклус на празници. Во некои краеви тоа е за време на Света Варвара, на 17 декември, а во некои на Свети Игнат кој се одбележува на 2 јануари. И двата празници се одбележуваат како претходници на Божиќ.
„Обредноста за време на зимскиот сонцестој е поврзан со почетокот на новата соларна и економска година како религиски слој од предхристијанското време во рамките на некогашното Рисмко царство. Истражувањата на Св. Гавацин укажуваат дека Христовото раѓање на 25 декември започнало да се прославува во 4 век, со цел да се смени тогашниот најголем празник на античката соларна религија - Раѓањето на непобеденото сонце“, појаснува етнологот Стојчевски.
За време на реформацијата кон крајот на 17 век, Новата година започнала да се слави на 1 јануари,како што останало до денес во речиси целиот современ свет. Новогодишната елка, пак, останува симбол на топлина која празниците ја внесуваат во домовите во најстудените зимски денови.