Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерот за здравство Фатмир Меџити, при денешната посета во Здравствениот дом во Куманово не сакаше директно да кажа која е причината за смена на директорката на Општа болница Куманово, Билјана Ивановска само еден месец откако беше изберена на функцијата.
Тој тврди дека во министерството има нова практика и сите менаџери и здравствени работници, кои непрофесионално и нестручно ја извршуваат работата ќе бидат сменети.
„Во здравството воведуваме нова пракса која ќе ја применуваме, а тоа е професионалност и стручност. Дали еден директор е назначен на конкурс или не, дали бил една недела, еден месец, го почитувам професионализмот и стручноста. Веќе нема да бидат работите како досега. Кај мене нема да има директори кои не можат во целост и стручно да ги извршуваат секојдневните работи. И директорот во Психијатриската болница беше сменет по неполн месец, во Клиничка болница Тетово по три месеци медицинскиот директор си поднесе оставка. Во моето работење не ме интересира политика и партија. Професионализмот и стручноста секогаш ќе се почитуваат. Од моето доаѓање има разрешено некаде околу 25 менаџери. Се соочуваме со тешки услови во здравството заради недомаќинско работење на менаџери кои биле по 5-6 и 10 години“, кажа министерот Меџити .
На инсистирање на новинарите да каже дали Ивановска е нестручна во својата работа и како го заклучиле тоа за само еден месец, тој повторно го избегна одговорот.
„Мене не ме интересира која индивидиа од која политичка партија доаѓа, јас сакам стручни и професионални менаџери. Јас треба да се грижам за сите вработени и нема да дозволам мобинг од менаџерите“, додадате министерот.
Тој најави дека до медиумите ќе достави извештај од Државен здравствен санитарен инспекторат со детали за досегашната работа и менаџирањето во Кумановската болница.
Ивановска беше разрешена од министерот пред два дена, а на нејзино место за в.д. директор е назначен урологот Фати Џемаили.