×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Пак ќе се чисти депонијата кај Туш, граѓаните прашуваат до кога ќе се толерираат тие што ја создаваат

    05.10.2023 17:21 | Оливера Пешевска

    Екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ и на Македонски железници, денеска започнаа акција за расчистување на депонијата кај Туш, на влезот во населбата „Перо Чичо“ во Куманово. Надлежните велат дека ќе направат уште еден обид да ја расчистат, и тврдат дека тие имаат информација кој го фрла сметот, но немаат начин и средства да застанат на пат на оваа појава.

    Пак ќе се чисти депонијата кај Туш, граѓаните прашуваат до кога ќе се толерираат тие што ја создаваат

    „Информациите кои стигаат до службите на ЈП „Чистота и зеленило“ се дека оваа депонија ја создаваат дивите превозници со импровизирани мотокултиватори и такви возила, кои при собирање на отпад од граѓаните и од домаќинствата ја користат токму оваа локација, за да го исфрлат отпадот, иако имаат можност да го одлагаат на депонијата Краста по повластена цена. Направивме неколку обиди за спречување на создавање на дива депонија, тука општината постави и детско катче, надевајќи се дека ќе ги одвратиме несовесните граѓани од несоодветно одлагање на отпадот“, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски.

    На локацијата има поставено неколку контејнери, со обврска да се празнат два пати неделно, но надлежните тврдат дека службите проаѓаат секојдневно, дури и по неколку пати во текот на денот ако има потреба. Но, новопоставените контејнери за кусо време најпрвин им биле извадени тркалцата, за да набрзо комплетно бидат запалени и уништени. Тие биле заменети со нови и повторно  уништени.  Случајот е пријавен во СВР Куманово.

    Додека надлежните даваа изјава и се правдаа дека тие совесно си ја извршуваат работата, а виновни се од МВР што не ги казнуваат сопствениците на култиватори и камиончиња,  реагираше еден од жителите, кој вели дека секојдневно се соочува со последиците од дивата депонија. Тој ги обвини општинските власти за ваквата состојба, затоа што тие се најповикани да го решат проблемот со недозволеното фрлање на смет, и праша до кога ќе се толериираат оние кои ја создаваат.

    „Се што ќе кажат се е лага, ние сме напатени овде. Имам многу да ви кажувам. Последен пат е чистена пред изборите кога беа, четири години не се дојдени. Сите знаеме кој ја прави депонијата и тоа се знае со години наназад. И виновни се тие што им дозволиле на тие да ја прават депонијата, а тоа се од Општината“, кажа револтирано Звонко Пирганоски.

    Тој тврди дека додека им укажува на соседите да не фрлаат смет тие му велат дека тоа им е дозволено, и додека не им кажат поинаку тој нема зошто да се буни.

    „Странците кои доаѓаа првото прашање им беше зошто никој не го собира ѓубрето, никој не праша кој го фрла“, вели Пирганоски.

    Надлежните посочуваат дека ова е деценски проблем, а чистењето на депонијата им претставува голем трошок. Претпријатието веќе нема ниту можност, ниту капацитет без помош од општината да се бори со ова појава.

    „Не може Куманово да биде заложник на група граѓани, кои профитираат од ова депонирање на смет на несоодветни локации. Инспекторите за животна средина имаат сознанија и пријава за возила, за кои од полицијата одговорот е дека такви регистерски таблички не постојат. Месното население не соработува и не се издаваат меѓу себе - значи сите ги знаат,  а не се презема ништо“, истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Советот.

    Се постави и прашањето дали овој проблем може и треба да се реши во разговор со населението. Или преку соработка со невладините организации кои најдобро ги познаваат условите, навиките и уверувањета на жителите од таа локација. Но, заклучокот е дека градежниот шут, стариот мебел и комуналниот отпад не е само од околните куќи, туку од цело Куманово.