Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово ќе распише нов јавен повик за 8 линии во градскиот превоз, откако Второстепената комисија на Министерството за транспорт и врски ја прифати жалбата на превозниците незадоволни од одлуката на Комисијата за спроведување на постапката за избор на превозници за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово.
Повторен тендер ќе има за обжалените линии во најголемите кумановски населби: Зелен рид – Железничка станица , Доброшане – Бедиње, Карпош – Железничка Станица и Тромеѓа – Бедиње, како и за селата Шупли Камен, Косматац, Новосељане, Четирце, Мургаш, Граничен премин Табановце, новата линија Бајрам Шабани – Бедиње, Романовце, за кои никој не се пријави на првиот повик.
„За жал постапката не е завршана во целост. Дел од жалбите кои се поднесени во постапката од Второстепената комисија се прифатени што значи дека постапката ќе се повтори. Ќе одиме на јавно наддавање за спорните линии и дополнително ќе бидат распишани нови повици за оние линии за коишто се нема пријавено никој. Но, морам да потенцирам дека во пракса се покажува една работа дека одредени правни субјекти и стопанственици се посилни и од законот “, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.
По жалбата, Второстепената комисија ја вратила постапката на повторно разгледување, по што Општината одлучила да распише нов тендер.
„Во одлуката на Второстепената комисија се вели дека имало еден технички пропуст или недостаток на еден документ од страна на еден од понудувачите, поради што вториот понудувач го користи тој момент и ја обжалил постапката и ја враќа на повторно разгледување. Ќе имаме нова постапка во која ќе имаат можност да се пријават сите автопревозници и тој којшто ќе даде најповолна понуда, со најголем број на тргнувања и најквалитетни возила, тој ќе биде избран“, кажа Димитриевски.
Тој вели дека граѓаните постојано се жалеле на превозот во предходниот период, во однос на возниот ред и квалитетот на возилата кои ги превезуваат патниците, и затоа мора да се воспостави нова пракса во јавниот превоз. Градоначалникот најави истрага за целиот случај.
Додека за заврши новата постапка за избор на превозници ќе поминат намалку два месеци, бидејќи првиот повик беше објавен на 15 декември минатата година, а веќе од 1 јануари годинава Куманово остана без градски превоз. Од први февруари профункционираа дел од линиите, а оние до најголемите населби заглавија во бирократските лавиринти.
И додека трае хаосот во градскиот превоз граѓаните се гневни што веќе два месеци не можат нормално да функционираат. Тие на работа или за другите потреби во градот користат сопствен превоз или такси услуги, кои се дополнителен товар за тенкиот семеен буџет.