Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На почетокот на наредна година најавено е вработување на 28 специјализанти во Општата болница во Куманово.
Се работи за вработување на лекари кои специјализираат кардиологија, интернистичка медицина, педијатрија, ортопедија, урологија, дерматологија, офтамологија и други.
„За жал, ќе се вработат профили на специјализанти кои се на располагање, а не оние кои се реална потребно во болницата. Таков е случајот насекаде. Нас ни се неопходни анестезиолози, најавено е вработување на еден, а веќе имаме две специјализантки, а рендгенолог нема ниту еден. Тоа е проблемот со приватните специјализации, секој си запишува она што претпочита“, објаснува директорот д-р Стефан Трајановски.
Директорот објаснува дека според постојните прописи за секоја една година поминати на специјализација, треба да одработат исто толку во јавното здравство. За да функционира одредена дејност, мора да постои барем еден вработен специјалист како носител на дејноста.
„Ако специјализантите за две- три години решат да ја напуштат болницата немаме механизам тоа да го спречиме. А, ако нема носител на дејноста јас не можам да ангажирам ниту надворешни лица, кои би доаѓале и би ја практицирале специјализацијата, под одредени договорни услови“, објаснува д-р Трајановски.
Според министерот за здравство Арбен Таравари на почеток на годината ќе биде објавен конкурсот за вработување на 1.117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти на државно ниво. Како што објасни тоа е дел од стратегијата за подобрување на кадровските капацитети во здравството, особено во градовите во внатрешноста и во руралните средини.
Иако беше најавено дека вработувањето на 300 приватни специјализанти ќе биде на есен, конкурсот се распишува на почетокот на новата година.